Во рок од пет години, бројот на заболени мажи од рак на простата е 2.197, а само во 2023 година оваа бројка била 517 случаи, покажуваат податоците на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Бројот на новорегистрирани случаи на рак на простата во Македонија бележи пораст во споредба со 2019 година, а податоците се објавени по повод ноември, месецот посветен на машкото здравје.
Во 2023 година биле регистрирани 517 нови случаи на ова малигно заболување, наспроти 452 во 2019 година, што е зголемување од околу 14 отсто. Истовремено, расте и бројот на смртни случаи. Во 2025 година од рак на простата починале 228 лица.
Загрижувачки се и податоците за смртноста од ова заболување. Во 2021 година од рак на простата починале 207 лица, во 2022 година 215, а во 2023 година 204 лица. Во 2024 година бројот на починати се зголемил на 226, додека во 2025 година достигнал 228 смртни случаи, што е највисока бројка во последните пет години за кои ИЈЗ објавува податоци. Тоа значи дека бројот на починати од рак на простата во 2025 година е за околу 10 отсто поголем во споредба со 2021 година.
Во ИЈЗ потсетуваат дека ракот на простата е едно од најзначајните малигни заболувања кај машката популација. Ризикот од заболување се зголемува со возраста, а посебно внимание е потребно кај мажите кои имаат семејна историја на оваа болест. Оттаму велат дека дополнителен проблем е што ракот на простата во раните фази може да се развива без изразени симптоми, поради што навременото откривање има особено значење. Од ИЈЗ ја нагласуваат потребата од редовни консултации со матичен лекар и индивидуална процена од специјалист за потребата од дополнителни испитувања.
Покрај ракот на простата, податоците покажуваат зголемување и на бројот на новозаболени од рак на тестисите во споредба со 2019 година. Тогаш биле регистрирани 33 случаи, додека во 2023 година нивниот број изнесувал 53. Најмногу случаи биле евидентирани во 2022 година, вкупно 63. Во 2025 година од рак на тестисите починале пет лица.
Ракот на тестисите, иако е поретко малигно заболување во споредба со ракот на простата, особено ги погодува помладите мажи. Појавата на јазол, зголемување на тестисот, чувство на тежина или промена во неговата големина и форма се знаци кои бараат лекарски преглед.
По повод Мовембер, ИЈЗ апелира мажите да не чекаат да се појават сериозни здравствени проблеми за да побараат медицинска помош. Од Институтот нагласуваат дека грижата за машкото здравје не подразбира само рано откривање на малигните заболувања, туку и грижа за менталното здравје, редовна физичка активност, правилна исхрана и превентивни прегледи. Посебен акцент се става и на надминувањето на предрасудите поради кои дел од мажите избегнуваат да побараат стручна помош.

