Шест случаи на семејно насилство биле пријавени во изминатото деноноќие на територијата на земјава, информира Министерството за внатрешни работи. Меѓу пријавените случаи има физички напади врз сопруги, поранешни партнерки, малолетно дете и членови на семејството.
Во гостиварско село, 35-годишен маж бил приведен откако, по кратка расправија во дворот на семејната куќа, со остар предмет го нападнал својот брат. Случајот бил пријавен на 15 ноември, а полицијата го лишила од слобода истиот ден.
Во општина Чашка, 51-годишен маж бил приведен по пријава дека во домот физички ја нападнал својата 36-годишна сопруга. Тој бил задржан во полициска станица, а за случајот бил известен јавен обвинител.
Во Струмица, полицијата привела 37-годишен маж по пријава дека агресивно се однесувал кон својата поранешна сопруга во семејниот дом. И тој бил задржан во полициска станица, а известен бил јавен обвинител.
Во Скопје, пак, биле пријавени два случаи. Во едниот, 34-годишен маж физички ја нападнал својата малолетна ќерка во домот на подрачјето на Бутел. Нападот се случил на 15 ноември, а случајот бил пријавен во полиција рано утрото следниот ден.
Во другиот случај, 36-годишна жена пријавила дека била физички нападната од својот 52-годишен сопруг во домот на подрачјето на општина Аеродром. Нападот се случил на 14 ноември, а жената го пријавила случајот ден подоцна.
Во Битола, полицијата го лишила од слобода 48-годишен маж по пријава од неговата 43-годишна вонбрачна сопруга дека физички ја нападнал.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на сите шест случаи, по што ќе следуваат соодветни поднесоци.
Министерството апелира граѓаните да не го премолчуваат семејното насилство и навремено да го пријавуваат секој случај. Жртвите, но и сите што имаат сознанија дека некое лице е изложено на насилство, можат да пријават во најблиската полициска станица или на телефонските броеви 112 и 192.

