Кристијан Корабоски, насилникот од Охрид кој е осомничен дека ја претепа неговата девојка, повторно е лишен од слобода а во секој момент се очекува да му биде изречена мерка притвор, потврдува за Мета, Стефан Димоски, портпаролот на СВР Охрид.
„Денеска пред околу половина час Корабоски е лишен од слобода, очекуваме насоки од Обвинителството, очекуваме да му биде одреден притвор“, вели Димоски.
Во меѓувреме, СВР Охрид објави и дека Корабоска управувал возило под дејство на алкохол вечерта кога се сомничи дека ја исфрли од автомобил Сара Ѓоргиевска во Охрид. Според наодите на полицијата, во неговата крв имало 1,29 промили алкохол, поради што ќе добие посебна кривична пријава. Како што претходно информираше СВР Охрид, против Кристијан Корабоски е поднесена кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка телесна повреда“ по член 131 став 3 од Кривичниот законик.
„На 15 ноември околу 02:00 часот по полноќ, по претходна расправија која започнала во неговиот дом, а продолжила во неговиот автомобил, пријавениот во возилото физички ја нападнал неговата 26-годишна девојка од охридско. Откако го сопрел возилото, продолжил со нападот, при што девојката изгубила свест и паднала, по што била пренесена во Општата болница во Охрид, а потоа и во болницата „Св. Еразмо“ во Охрид, каде ѝ биле констатирани тешки телесни повреди“, пишува во вчерашното соопштение од МВР.
Оттаму информираат дека преземени се мерки и набргу по настанот, во 05:05 часот К.К. е лишен од слобода и задржан во полициска станица, а по барање на ОЈО, Основен суд во Охрид донесе решение и му изрече мерки на претпазливост.
„Во врска со настанот, на 15.11.2026 во 08:50 часот во СВР Охрид, Љ.К.(51) од Охрид, мајка на К.К., пријави дека Љ.Ѓ.(49), татко на девојката, на мобилен телефон упатил закани на нејзиниот син К.К. и на целото семејство, по што истиот ден во 13:20 часот во Охрид и тој е лишен од слобода и задржан во полициска станица. Против него, исто така, ќе биде поднесен соодветен поднесок“, се додава во соопштението.
Majката на жртвата Сара, Ирена Ѓорѓиеска на својот профил на Фејсбук објави дека Корабоски е син на Љубинка Корабоска, поранешна претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), предложена на таа функција од ВМРО-ДПМНЕ, и на Гоце Корабоски, инспектор во УЈП, кој наводно имал блиски релации со врвот на власта и премиерот Христијан Мицкоски.

