Првата аукција за продажба на Алта банка ќе се одржи на 30 ноември, преку Македонската берза на хартии од вредност, информира Народната банка. Ќе се продаваат 372.742 обични акции, односно 95,336% од вкупниот број акции, во сопственост на „Алта банка“ АД Белград – во стечај, а почетната цена е 3.777 денари по акција. Ќе се продава целиот понуден акционерски пакет, без можност за купување само на дел од акциите, а доколку акциите не бидат продадени на првата аукција, следните аукции ќе се одржуваат последователно, на 1, 2, 3, 4 и 7 декември 2026 година. На секоја наредна аукција почетната цена ќе биде намалена за 10% во однос на почетната цена на претходната аукција.
„Заинтересираните инвеститори треба најдоцна до 19 ноември да достават барање до Народната банка за добивање претходна согласност за стекнување квалификувано учество во Банката, како и писмена изјава дека ќе ги уплатат средствата потребни за купување на акциите. На аукциите ќе можат да учествуваат лицата што ги исполнуваат законските услови. Постапката е дел од активностите насочени кон обезбедување нов сопственик на Банката, создавање услови за нејзино натамошно работење и зачувување на интересите на штедачите и останатите клиенти“, велат од Народна банка.

