Новинската агенција Асошиејтед прес (АП) објави напис и видео за кравите кои слободно се движат низ Крива Паланка. Во статијата се посочува дека животните редовно влегуваат во дворови и на земјоделски површини, со што предизвикуваат штета и ја загрозуваат безбедноста на жителите.
Асошиејтед прес пишува дека според жителите, кравите што слободно се движат претставуваат ризик за водоснабдувањето на градот и за возачите на патот што води кон Бугарија.
„Многумина го обвинуваат бирократскиот лавиринт на земјата за тоа што не се спроведе наредбата на Агенцијата за храна и ветеринарство од 2024 година за одземање на стадото од тројцата сопственици“, пишува Асошиејтед прес.
За новинската агенција градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, вели дека и покрај преземените правни постапки против еден од сопствениците на стадото, случајот пропаднал поради административни пропусти, по што сопственикот бил ослободен.
Митовски за АП вели и дека бројот на животните што шетаат во последните четири години се зголемил од 400 на повеќе од 1.000.
„Можеби навидум ова сето изгледа на мал и смешен проблем, но верувајте дека ова е сериозен проблем кој, како што кажав, од година во година расте“, вели Митовски.

