Недоволно финансирање на јавното здравство, одлив на медицински кадар, нееднаков пристап до здравствени услуги и недоволна контрола на пушењето во затворени простории се дел од забелешките на Европската комисија во најновиот Извештај за напредокот на Северна Македонија за 2026 година. Во документот се посочува и дека земјава сè уште нема усвоено стратегија за заштита на потрошувачите, ниту воспоставено соодветна интернет-платформа за нивно информирање. Македонското здравство и натаму се соочува со сериозни структурни проблеми, а граѓаните од сопствен џеб покриваат до 42 отсто од здравствените трошоци, што e значителна пречка за еднаков пристап до здравствена заштита. Ова e наведено во извештајот, во делот посветен на заштитата на потрошувачите и јавното здравје, опфатен со Поглавјето 28.
Според ЕК, иако во 2025 година продолжило благото зголемување на парите наменети за јавното здравство, финансирањето и понатаму останува далеку под просекот на ЕУ.
„Универзалната здравствена заштита се обезбедува бесплатно преку примарното здравство, но пациентите мора да плаќаат за одредени болнички услуги, специјалистички прегледи и лекови. Европската комисија оценува дека опсегот и достапноста на здравствените услуги, особено специјалистичките, како и нивната географска распределба, се несоодветни. Дополнителен проблем претставува недостигот на медицински персонал, при што бројот на медицински сестри на 100.000 жители останува под европскиот просек“, пишува во извештајот.
Продолжува одливот на здравствени работници од јавниот во приватниот сектор, како и нивното заминување на работа во странство. Комисијата посочува дека здравствениот систем во голема мера се потпира на приватно финансирање, преку директни плаќања од граѓаните и доброволно здравствено осигурување, што дополнително ги продлабочува нееднаквостите во пристапот до здравствените услуги.
Посебно загрижувачки се наодите поврзани со малигните заболувања. ЕК констатира дека лани продолжил растот на бројот на регистрирани случаи на рак, како и на стапката на смртност од овие заболувања. Иако во земјава се спроведуваат скрининг-кампањи за рано откривање рак на дебелото црево и рак на дојка, во извештајот се забележува дека ХПВ-тестирањето сè уште не е воведено како дел од скринингот за рак на грлото на матката.
ЕК укажува на потребата од поголема јавна информираност и опфаќање поголем дел од целните групи со превентивни прегледи. Во извештајот се посочува и дека ограничените буџетски средства и недостигот на медицински кадар негативно влијаат врз политиките за менталното здравје на децата и адолесцентите.
Државата продолжува да спроведува годишни програми за превенција на кардиоваскуларните заболувања, кои опфаќаат рано откривање на ризик-факторите, превентивни прегледи во примарното здравство, здравствена едукација и подобрување на дијагностиката и лекувањето.
Пушењето во затворен простор не се казнува
ЕК повторно укажува на недоволната примена на мерките за контрола на тутунот. Во извештајот се наведува дека Северна Македонија треба да донесе нов закон за дополнително усогласување со европските правила за тутунски производи, но се предупредува дека неговото спроведување ќе претставува сериозен предизвик.
„Пушењето продолжува да се толерира и да поминува без санкции во затворени простории, вклучително и во јавни институции, одредени здравствени установи и ресторани. Дополнителна загриженост предизвикува широката употреба на антибиотици, која придонесува за развој на антимикробна резистенција, односно отпорност на микроорганизмите на лековите што се користат против нив. Националниот акциски план за антимикробна резистенција за периодот 2026–2028 година сè уште не е усвоен“, пишува во извештајот.
Комисијата бара и усогласување на националното законодавство со европските прописи за заразните болести. Во извештајот се наведува дека земјава од 2016 година доставува податоци до европскиот систем TESSy за повеќе заразни заболувања, меѓу кои грип, ХИВ/СИДА, хепатит А, гонореја, западнонилска треска и КОВИД-19, и располага со систем за рано откривање епидемии.
Нееднаквиот пристап до здравствената заштита е уште еден проблем на кој укажува ЕК во извештајот. Во него се наведува дека пристапот до здравствени услуги е особено ограничен за жените од руралните и маргинализираните заедници. Пишува дека жените и натаму пријавуваат случаи во кои матичните гинеколози незаконски им наплатуваат услуги што, според системот на здравствено осигурување, треба да бидат бесплатни.
„Иако се достапни превентивни програми за откривање рак на грлото на матката и рак на дојка, нивната искористеност не е рамномерна меѓу различните групи население. Напорите за намалување на здравствените нееднаквости, посебно кај Ромите, лицата што живеат во сиромаштија и населението од оддалечените средини, продолжуваат со поддршка од донатори, но имаат ограничен ефект“, стои во извештајот.
Нема доволно податоци од приватните здравствени установи
Во делот за дигитализацијата на здравството ЕК констатира дека националниот систем за електронско здравство прибира податоци само од јавните здравствени установи. Поради недостигот од информации од приватните здравствени установи, здравствените досиеја на пациентите остануваат нецелосни.
Иако електронската здравствена апликација функционира, Комисијата укажува дека се потребни дополнителни подобрувања во системот за закажување прегледи. Во извештајот се констатира и дека нема напредок во областа на крвта, клетките, ткивата и органите, додека националното законодавство сè уште не е усогласено со европските правила за правата на пациентите при прекугранично лекување.
Не се забележани нови достигнувања ниту во областите на лековите за човечка и ветеринарна употреба, процената на здравствените технологии, козметичките производи и медицинските помагала. ЕК бара дополнителни напори за спречување на корупцијата во здравството преку подобро планирање на здравствените трошоци, потранспарентни јавни набавки, зајакнување на интегритетот, пријавување на имотната состојба и дигитализација.

