Или да се свртиме кон семејните вредности и кон многудетните семејства или ќе треба да увезуваме странски работници за да се одржи македонската економија и растот во иднина, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски. Тој ја коментираше изјавата на вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски дека на земјава до 2030 година годишно ќе и бидат потребни 50.000 странски работници за да го одржи актуелното ниво на БДП.
„Јас кога зборував пред една и пол-две години за семејни вредности, за фертилитет, тогаш ме направија дека сум заостанат, но, за жал, тој предизвик останува и понатаму“, рече Мицкоски и посочи дека бројките што ги изнесе Николоски се потценети, односно дека можеби ќе ни требаат многу повеќе економски мигранти за да ја задржиме економската активност.
„Во Западна Европа, за да се одржи нивото на економија и да има благ пораст на номиналниот бруто-домашен производ, потребно е секоја година да се даваат стотици илјади работни дозволи за мигранти. Така што, колку и да сакаат да ме исмејуваат, јас ќе останам на оние семејни политики, на многудетни семејства и на политиките што значат иднина за Македонија како држава и нови работни места за македонскиот работник и поконкурентна македонска економија, која ќе расте“, рече Мицкоски.

