Државната изборна комисија (ДИК) направи грешка при читањето на податоците за одѕивот на гласачите до 09:00 часот за Општина Брвеница. По реакцијата и прашањата испратени од редакцијата на „Порталб“, од ДИК го признаа пропустот, појаснувајќи дека станува збор за пермутација со податоците од вториот круг.
За време на редовната прес-конференција одржана во 9 часот, претставниците на ДИК изјавија дека одѕивот на граѓаните во Општина Брвеница до тој момент изнесувал 5,33%.
Сепак, на официјалната веб-страница на ДИК за следење на резултатите и одѕивот во реално време, евидентираниот процент за оваа општина изнесуваше само 2,45%.
Поради ова суштинско несовпаѓање меѓу изјавата дадена пред медиумите и податоците на официјалната платформа, редакцијата побара официјално појаснување од ДИК за тоа од каде потекнуваат овие бројки и дали станува збор за техничка грешка во системот или за човечки пропуст при читањето.
Во писмениот одговор испратен до Порталб, ДИК призна дека соопштениот податок на прес-конференцијата бил погрешен:
„Ви благодариме за забелешката. Точниот податок за излезноста во 9 часот на изборите во 2025 година е 2,45%. Наведениот податок од 5,33% е од вториот круг на изборите, односно направена е пермутација на податоците. Секако, трендот на излезност бележи зголемување според последните податоци во 13:00 часот“, стои во официјалниот одговор на ДИК.
Од одзивот во 9 часот имало минимално зголемување на излезноста од 0,01%, а не намалување од 2,87%.
Точното информирање за излезноста на гласачите во раните утрински часови останува клучно за проценка на динамиката на изборниот процес, додека транспарентноста на изборните институции директно влијае врз кредибилитетот на резултатите претставени пред јавноста.

