Испораката на топлинска енергија се нормализира кај потрошувачите во Општината Центар и во Старата Чаршија кои од вчера немаа парно поради дефекти. Како што информираат од ЕСМ- дистрибуција на топлина, прекин во испораката на топлинска енергија се уште има на една локација во Центар, поточно полициската станица во Пролет и на три локации во чаршијата, Националната установа Конзерваторски центар, Музејот на РСМ и ОУ “Јашар Беј Шкупи”.
Од ЕСМ Дистрибуција на топлина велат дека се на терен и интензивно работат на санирање на дефектите и на нормализирање на испораката на топлинска енергија и за овие потрошувачи.
Грејната сезона за потрошувачите приклучени на системите за централно греење во Скопје годинава започна два дена пред официјалниот термин, 15 октомври, заради ниските температури на воздухот.
Проблемите со снабдувањето, како што информираат од ЕСМ, се случиле заради зголемени загуби на вода во дистрибутивната мрежа. Привремен прекин во испораката на топлинска енергија бил регистриран и кај дел од потрошувачите во Општините Кисела Вода, Аеродром и во населбата Автокоманда во Општина Гази Баба.

