Шест полициски службеници ќе се соочат со дисциплинска постапка и мерки за суспензија поради утврдени неправилности при постапување со употреба на физичка сила и нанесување телесни повреди на лица за време на преземање полициски овластувања на 7 октомври годинава.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи презема мерки и дејствија за расчистување на случајот со прекумерната употреба на физичка сила од страна на полициските службеници.
Од МВР информираат дека при спроведените проверки, анализата на обезбедените видео-снимки од настанот и изјавите од лицата кои биле сведоци, биле утврдени низа неправилности во постапувањето на полицајците.
Поради утврдените неправилности, против шестмина полициски службеници ќе биде поведена постапка за кршење на работниот ред и дисциплина. Дополнително, за нив ќе бидат изречени мерки за отстранување од работното место, односно суспензија.
Паралелно со дисциплинската постапка, се преземаат дејствија и во врска со пријавите за кривично-правните настани поднесени до Одделот за внатрешна контрола при МВР и Секторот за внатрешни работи Скопје.
Од Министерството посочуваат дека надлежните обвинителства издаваат наредби за вештачење во врска со пријавените настани, по кои веќе се постапува. Вештачењата се дел од постапката за обезбедување и утврдување на доказниот материјал за случајот.
По целосното документирање на сите докази, надлежните институции ќе поднесат соодветни поднесоци, информираат од МВР.

