Околу 13.800 бруцоши денеска го имаат првиот час на македонските универзитети, на првиот ден од академската 2026-2027 година. Годинава, на додипломски студии студираат околу 53.500 студенти, од кои 46.925 се редовни, а околу 6.600 вонредни студенти.
На најголемиот универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, првиот академски час се одржа на платото кај споменикот на Кирил и Методиј. Министерката за образование Весна Јаневска на студентите им порача дека тие се најголемиот потенцијал што го има Македонија, бидејќи се идните професионалци, иноватори и лидери кои ќе ја градат иднината на државата.
„Универзитетот е вистинското место за учење, поставување прашања и истражување. Бидете љубопитни студенти и храбри во потрагата по нови знаења“, рече Јаневска.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска присуствуваше на првиот академски час на универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, каде на новите академски граѓани им порача дека во ниедна земја не е поубави отколку дома.
„Вистинскиот живот е борбата којашто ве чека, борбата за вашето семејство и борбата за вашата родена земја, Македонија. Каде и да одите, вратете се дома и заедно да се бориме за нашата најубава земја на светот, Македонија“, рече Мицкоски пред студентите. Тој им порача и на своите колеги, професори, да им пренесуваат знаење на младите, бидејќи од тоа зависат нивните семејства во иднина, нивните деца и внуци.
На 23 факултети на УКИМ годинава имаше 8.851 места за бруцоши, а студираат вкупно 26.000 студенти, од кои на додипломски 23.400, а останатите на магистерски и на докторски студии. Во првиот циклус студии на УКИМ има 242 студиски програми, 313 на вториот и 99 на третиот циклус студии. По двата уписни рока, на Универзитетот „Св. Климент Охриски“ во Битоа запишани се 1.062 студенти, или 77 повеќе од минатата година.
Првиот академски час се одржа и на Државниот универзитет во Тетово, „Мајка Тереза“ во Скопје и на „Св. Апостол Павле“ во Охрид и на другите дваесетина универзитети кои работат во земјата.

