Уставниот суд одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста на одредбите од Изборниот законик што го уредуваат распределувањето на средствата и медиумскиот простор за платено политичко рекламирање.
Одлуката се однесува на предметите У.бр.144/2025 и У.бр.145/2025, по иницијативи поднесени од политичките партии Левица и Демократи. Со одлуката на Судот, законските одредби остануваат во сила.
„Мнозинството судии го имаше предвид фактот дека Уставниот суд веќе одлучувал по однос на оспорените одредби, како и прашањето дали постојат околности што би можеле да бидат основ за поинакво одлучување.“ стои во соопштението од Судот.
Иницијативите се однесуваат на член 75-ѓ, ставови 1 и 12, член 76-д, став 5 и член 78-а, став 4 од Изборниот законик.
Левица и Демократи претходно ги оспорија овие одредби, оценувајќи дека начинот на кој се распределуваат јавните средства и просторот за политичко рекламирање ги става помалите политички субјекти во понеповолна положба.
Предметот беше разгледуван и претходно од Уставниот суд, но во јули судиите не обезбедија потребно мнозинство за одлука, по што прашањето остана отворено.

