Close Menu
Rabrovo
    Актуелно

    Во моментов има 20 активни пожари во земјава, критичен е пожарот кај селата Баница и Водоча

    22/08/2026

    Реакција на Тирана откако на фестивал во Пустец не беше интонирана албанската химна

    22/08/2026

    Западно-нилската треска однесе уште еден живот, петта жртва е 73-годишно лице од Аеродром

    22/08/2026
    Facebook X (Twitter) Instagram
    Facebook X (Twitter) Instagram
    RabrovoRabrovo
    • Почетна
    • Македонија
    • Економија
    • Политика
    • Култура
    • Спорт
    • Регион
    • Свет
    • Магазин
    Rabrovo
    Home»Македонија»Мицкоски од Пелинце зборуваше за „предавства“ и „талог“, а потоа повика на обединување
    Македонија

    Мицкоски од Пелинце зборуваше за „предавства“ и „талог“, а потоа повика на обединување

    02/08/20264 Mins Read
    Facebook Twitter WhatsApp Email

    Од чествување на двата Илиндена, преку остри квалификации за политичките противници, до повик за обединување – во таа насока се движеше денешното обраќање на премиерот Христијан Мицкоски од Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце.

    Во поголемиот дел од говорот по повод 2 Август – Денот на Републиката, Мицкоски зборуваше за Илинденското востание и за Првото заседание на АСНОМ како за два дела од една историска целина, но потоа премина на актуелните политички поделби и на пресметка со опозицијата.

    Тој го опиша Илинден не само како датум, туку како завет и карактер на народ кој „може да биде окупиран, напаѓан, предаван и потценуван, но не и покорен“.

    Според Мицкоски, Крушевската Република и АСНОМ претставуваат две страници од иста книга. Во Крушево, како што рече, се родила идејата дека слободата вреди повеќе од животот, додека на АСНОМ таа идеја добила државотворна форма.

    Во историскиот дел од обраќањето премиерот ги издвои претседателот на Крушевската Република, Никола Карев, и првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов-Ченто. Се осврна и на Декларацијата за основните права на граѓаните, со која биле утврдени слободата на говорот и вероисповедта, правото на национална припадност, движење и приватна сопственост, како и правото на глас на жените.

    Мицкоски истакна дека антифашизмот станал трајна определба на македонската државност. Воедно, изнесе тврдење дека македонското народноослободително движење и македонските партизани со сопствени сили ја ослободиле земјата и со тоа го потврдиле самостојниот карактер на македонската државност.

    Премиерот оцени дека неговите противници создаваат атмосфера на нихилизам, омраза и дефетизам | Фото: Влада на РСМ

    Од историскиот осврт Мицкоски премина кон задачата на сегашната генерација, која, според него, треба да ја зачува државата, да ја направи просперитетна и праведна и да создаде услови во кои луѓето ќе сакаат да останат, да работат и да основаат семејства.

    Минатото, рече тој, не треба да биде засолниште, туку темел за иднината. Оцени дека денешна Македонија не е државата за која сонувале илинденците и асномците, но додаде дека Владата чекор по чекор ја враќа вербата дека земјата може да успее.

    Токму во овој дел говорот доби изразено партиски тон. Без директно да ја именува СДСМ, премиерот зборуваше за политички елити кои претходно биле на власт, а денес, според него, се длабоко во опозиција, поделени поради лични интереси и оддалечени од функциите што им овозможувале удобен живот.

    Мицкоски рече дека тие ги задржувале функциите не со поддршка од граѓаните, туку преку „предавства и отстапки“. Последиците од тие одлуки, според него, сè уште ги чувствуваат државата и граѓаните.

    Наместо натпревар на идеи и политички концепти, премиерот оцени дека неговите противници создаваат атмосфера на нихилизам, омраза и дефетизам и дека со недоверба гледаат на секој државен успех, а се радуваат на тешкотиите и неуспесите.

    Зборувајќи за прашањата што го блокираат пристапувањето на земјава во Европската Унија, Мицкоски порача дека нема да прави отстапки на штета на државата и народот мислејќи на промената на Уставот и додавањето ба Бугарите во преамбулата како предуслов за продолжување на евро-интегративниот процес. Граѓаните ги повика да не му веруваат на, како што рече, „талог на неуспеси, цинизам и мразење на сè што е успешно“.

    По ваквите квалификации, во завршницата на говорот Мицкоски се врати на пораките за заедништво. Тој повика да се надминат поделбите и да се зачуваат душата на општеството, довербата во институциите и достоинството на чесниот човек. Како заедничка задача ја посочи и потребата надежта повторно да стане движечка сила во државата.

    Венко Филипче положи свежо цвеќе на гробот на претседателот на Крушевската Република, Никола Карев | Фото: СДСМ

    Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во кусо видеообраќање од Крушево оддаде почит на учесниците во Илинденското востание и на основачите на Крушевската Република, нагласувајќи дека нивната борба била за слобода, правда и за правото на народот сам да одлучува за својата судбина.

    Филипче рече дека Македонија не смее да остане заробена во минатото, ниту да биде држава од која младите заминуваат, во која пензионерите тешко преживуваат и институциите им служат на тесни интереси.

    „Сеќавањето на Илинден има вистинска вредност само ако ни служи да градиме подобра иднина“, порача тој.

    Како денешни цели ги наведе владеењето на правото, чистата вода, достоинствените плати, перспективата за младите и членството во европското семејство. Според него, современата борба е насочена против корупцијата, изолацијата и лажниот патриотизам, а пораката ја заврши со зборовите дека сеќавајќи се на минатото, граѓаните треба да ја изберат иднината.

    Поврзани вести

    Во моментов има 20 активни пожари во земјава, критичен е пожарот кај селата Баница и Водоча

    22/08/2026

    Западно-нилската треска однесе уште еден живот, петта жртва е 73-годишно лице од Аеродром

    22/08/2026

    Ставена во функција апликацијата „Безбеден град“ за странските возила

    21/08/2026
    АКТУЕЛНО

    Во моментов има 20 активни пожари во земјава, критичен е пожарот кај селата Баница и Водоча

    22/08/2026

    Реакција на Тирана откако на фестивал во Пустец не беше интонирана албанската химна

    22/08/2026

    Западно-нилската треска однесе уште еден живот, петта жртва е 73-годишно лице од Аеродром

    22/08/2026

    Ставена во функција апликацијата „Безбеден град“ за странските возила

    21/08/2026
    НЕ ПРОПУШТАЈ

    „Сите за Палестина“ утре организира протестен марш во Скопје

    Академски пленум: Покренување кривична постапка против жителите на Чациленд

    Министерот Љутков: Македонија останува посветен партнер во остварувањето на мисијата на УНЕСКО

    Advertisement
    Demo
    Facebook X (Twitter) Instagram YouTube
    • Почетна
    • Технологија
    • Додатоци
    • Мобилни
    © 2026 Rabrovo. Designed by MKNET.

    Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.