Со некаква чудна политичка инверзија, се случи во македонско – бугарските односи на европско ниво, оние што се чувствуваат Бугари во Македонија да треба да бидат „заштитени“ од ЕУ, додека Македонците во Бугарија, коишто имаат пресуди од ЕСЧП дека не им се овозможени малцинските човекови права да бидат игнорирани од ЕУ.
Примена на истите правни инструменти како Бугарија во случајот „Радко против Македонија“
Притоа, во оваа современа, т.н. ЕУ-„историја“ на македонско-бугарските односи постои една уште почудна асиметрија во односот на државите спрема своите малцинства во соседнта земја. Додека, Македонија во ниту еден од случаите на македонските здруженија од Бугарија пред ЕСЧП не учествуваше како трета, заинтересирана страна, Бугарија за еден случај во Македонија, познат како „Радко“, кој имаше пресуда од ЕСЧП, настапи како заинтересирана страна, ангажирајќи адрвокатски тим да го застапува.
Поранешниот македонски амбасадор во Бугарија, Марјан Ѓорчев, смета дека Македонија како држава конечно треба да постапи како Бугарија во случајот „Радко“, односно со правни инструменти да ја натера Бугарија да ги спроведе пресудите на ЕСЧП во корист на македонските здруженија во Бугарија.
„Бидејќи ова се пресудени случаи, правниот пат на државата Македонија за да го искаже својот интерес за неспроведувањето на 11-те пресуди на ЕСЧП за здруженијата на бугарските граѓани со македонска самосвест е преку Комитетот на министри на Советот на Европа, каде што се членки и Македонија, и Бугарија. Европскиот суд за човекови права е правно тело на Советот на Европа. Всушност, македонската држава треба да ја примени истата постапка како што Бугарија ја примени за случјот „Радко“ против Македонија. На првиот состанок на Комитетот на министри, нашиот министер за надворешни работи треба да праша кои правни механизми ни стојат на располагање како држава за да се вклучиме како заинтересерина страна во заштитата на човековите права на бугарските државјани кои се чувствуваат како Македонци и за кои Бугарија не ги спроведува пресудите на ЕСЧП што се во нивна корист. Односно Бугарија не создава услови за нивно здружување, што треба да го спроведе според пресудите. Македонската држава, слично како Бугарија во случајот ‘Радко’, може да ангажира и адвокатски тим кој ќе ги застапува македонските здруженија во Бугарија пред европските институции. Основен критериум за владеење на правото во ЕУ е почитување и спроведување на пресудите на европските судови. Бугарија треба да биде принудена по правен пат да ги испочитува човековите права на Македонците што се нејзини граѓани“, вели амбасадорот Марјан Ѓорчев.
Адвокатот Тони Менкиноски, кој ги застапуваше македонските здруженија од Бугарија пред ЕСЧП, сепак наведува дека постапките пред Европскиот суд се завршени и не постои можност државата да се вклучи како трета страна во нив.
„Но, тоа не значи дека Македонија нема правни механизми на располагање. Напротив, Европската конвенција за човекови права предвидува можност државите да ги користат правните инструменти што ги нуди системот кога една членка упорно не ги исполнува своите обврски.
Македонија има легитимен и оправдан интерес да го поддржи доследното спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права што се однесуваат на македонските здруженија во Бугарија. Тоа не е прашање на мешање во внатрешните работи на друга држава, туку прашање на почитување на европскиот правен поредок и обврските што сите држави членки на Советот на Европа доброволно ги презеле.
Пресудите на Европскиот суд не се политички препораки, туку конечни и обврзувачки судски одлуки. Нивното извршување претставува темел на владеењето на правото и гаранција дека основните човекови права ќе бидат еднакво заштитени за сите, без разлика на националната припадност. Во конкретниот случај станува збор за правото на слобода на здружување и правото на слободно изразување на сопствениот идентитет – вредности што се во срцето на Европската конвенција за човекови права.
Токму затоа, секој придонес кон доследно спроведување на пресудите на Судот треба да се сфати како поддршка на европските стандарди, а не како политички чин. Во Европа, владеењето на правото подразбира дека судските одлуки мора да се почитуваат, а човековите права да се заштитуваат без исклучок и без двојни стандарди“, категоричен е адвокатот Менкиноски.
Во контекст на овие иницијативи во јавноста за активирање на Македонија пред европските институции, како заинтересирана страна за неспроведувањето на пресудите на ЕСЧП од страна на бугарската држава за правото на здружување на Македонците во Бугарија, редакцијата на МКД.мк испрати прашање до Министерството за надворешни работи и надворешна трговија – дали се размислува за конкретни активности на оваа тема, барем пред Комитетот на министри на Советот на Европа.
„Спроведувањето на пресудите од групата случаи ‘ОМО Илинден против Бугарија’ редовно и активно се разгледува од страна на државите членки на состаноците на Комитетот на министри, во рамките на супервизијата над извршувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права.
Станува збор за деликатен процес, кој во значителна мера има доверлив карактер. Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку Постојаната мисија при Советот на Европа во Стразбур, активно учествува во дискусиите и се залага за доследно спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права, како клучен елемент во заштитата на човековите права и една од фундаменталните задачи на Советот на Европа.
Во однос на групата случаи ‘ОМО Илинден’, веќе ги користиме сите реално расположливи процедури во согласност со Европската конвенција за човекови права и со релевантните документи на Комитетот на министри.
Иако нашата држава нема статус на трета страна во ниту еден од случаите од оваа група, за разлика од случајот ‘Радко против Македонија’, во кој Бугарија беше формално вклучена, како активна членка на Советот на Европа имаме целосно право да се залагаме за доследно спроведување на овие пресуди, што треба да доведе до регистрација на здруженијата. Ваквиот ангажман ќе продолжи и во иднина“, одговорија од МНРиНТ.
Покрај овие инструменти на меѓународното право и политика, адвокатот Тони Менкиноски смета е време и за порадикален правен чекор, во вид на тужба против Бугарија за неспроведување на пресудите на ЕСЧП.

„Поминаа повеќе од десет години откако Европскиот суд за човекови права во Стразбур донесе пресуди во корист на македонските здруженија во Бугарија. Судот јасно утврди дека нивните права биле повредени и дека државата има обврска да ги отстрани тие повреди. Но, и покрај јасните и конечни судски одлуки, тие пресуди и денес не се спроведени во целост. Тоа веќе не е спор само меѓу неколку здруженија и бугарската држава. Тоа станува прашање за кредибилитетот на европскиот систем за заштита на човековите права.
Секој граѓанин со право може да се запраша: ако една држава не ги почитува пресудите на највисокиот европски суд за човекови права, тогаш која е смислата на тие пресуди? Доколку судските одлуки можат со години да останат неспроведени без последици, тогаш се поткопува довербата во владеењето на правото и во самиот Совет на Европа.
Затоа сметам дека Македонија повеќе не треба пасивно да ја следи оваа состојба. Постапките пред Европскиот суд се завршени и не постои можност државата да се вклучи како трета страна во нив. Но, тоа не значи дека Македонија нема правни механизми на располагање. Напротив, Европската конвенција за човекови права предвидува можност државите да ги користат правните инструменти што ги нуди системот кога една членка упорно не ги исполнува своите обврски“, вели адвокатот Менкиноски.
Сепак, застапникот на македонските здруженија од Бугарија пред ЕСЧП, вели дека тужбата не треба да се сфати како непријателски или политички чин. Според Менкиноски, тужбата е легитимно правно средство предвидено токму за ситуации кога дијалогот и препораките не даваат резултат. Нејзината цел не е да создаде нов конфликт меѓу Македонија и Бугарија, туку конечно да го врати спорот таму каде што му е местото – во рамките на правото, а не на политиката.
„Токму затоа тужбата може да стане правниот меч што ќе го пресече Гордиевиот јазол во односите меѓу двете држави. Наместо бескрајни политички расправи и различни толкувања на истите прашања, ќе се отвори можност институциите на Советот на Европа повторно јасно да се произнесат за тоа што значи почитување на Европската конвенција и на обврзувачките пресуди на Судот.
Ова не е битка против Бугарија. Ова е битка за принципот дека правото мора да важи еднакво за сите. Ако една држава може неказнето да не ги спроведува пресудите на Европскиот суд за човекови права, тогаш утре тоа може да го направи и која било друга држава. Затоа ова не е само македонско или бугарско прашање – ова е европско прашање.
Македонија има право, но и должност, да ги искористи сите легални средства што ѝ стојат на располагање за да придонесе кон почитување на европските вредности. Не затоа што бара привилегии, туку затоа што бара доследна примена на правото. Само така може да се изгради вистинска доверба меѓу државите, а европските институции да покажат дека нивните пресуди не се декларации, туку задолжителни правила што важат за сите подеднакво.
Во античката митологија, Гордиевиот јазол не бил одврзан со нови обиди за преговарање, туку бил пресечен со одлучен потег. Денес, по години неуспешни политички обиди и неспроведени судски одлуки, можеби токму правната постапка е потегот што ќе го пресече овој современ Гордиев јазол и ќе покаже дека во Европа последниот збор сепак го има правото, а не политиката“, појаснува Менкиноски.
И како заклучок, адвокатот потврдува дела поднесувањето на тужба не би било чин на конфронтација, туку повик за доследно почитување на европското право.
„Доколку во една таква постапка се утврди дека Бугарија упорно и систематски одбива да ги извршува конечните пресуди на Европскиот суд за човекови права, тоа може да отвори пат за примена на најстрогите механизми што ги предвидува Советот на Европа. Во крајна линија, упорното непочитување на основните обврски од членството може да доведе и до покренување постапка за суспензија или исклучување на држава од Советот на Европа. Затоа, тужбата не е само средство за заштита на правата на Македонците во Бугарија, туку и тест за тоа дали европскиот правен поредок навистина еднакво важи за сите држави членки“, заклучува Тони Менкиноски.
Јасминка Павловска

