„Во Европската Унија има засилена дискусија за тоа како ќе изгледа проширувањето на Унијата во следните години, но сè уште нема никаков резултат од таа дискусија. Овие модалитети поврзани со проширувањето ги споменуваат затоа што се дел од една реална дискусија што се води не само во Брисел, туку и кај самите земји членки на ЕУ. Неодамна бев и во Париз, се сретнав со министерот за Европа (на Франција н.з.), Бенџамин Хадад, со кого, меѓу другото, дискутирав и за сите вакви прашања. Факт е дека во Европската Унија има засилена дискусија за тоа како ќе изгледа процесот на проширување на ЕУ во следните години. Истовремено, факт е дека сè уште немаме никаков конкретен резултат од таа дискусија, но можеби ќе има во следните неколку месеци. И од таа гледна точка, ние не отстапуваме од чекорите кон полноправно членство и ќе продолжиме да работиме и на дијалог и на конструктивни и креативни решенија, но исто така не смееме да исклучиме дека може да настане и некоја промена“, вели Муцунски.
Прави сè во очекување на најдоброто, но се подготвуваме и за најлошото сценарио, рече Муцунски.
„Тоа е работата на една држава. Евентуалната промена на политиката на проширување на ЕУ би можела да биде добро сценарио, но како држава мора да бидеме подготвени за секоја одлука што ќе ја донесат земјите членки и институциите во Брисел бидејќи при одлучувањето ние како земја кандидат немаме право на глас. Јас не сакам да кажам дека промена на политиката на проширување би можела да биде лошо сценарио. Напротив. Може да има некое креативно решение, одлично решение коешто ќе излезе од земјите членки и од европските институции, но ние мора да бидеме подготвени за секое сценарио. Не отстапуваме од првото, но се подготвуваме и за второто и за третото, а секако за сите овие сценарија клучен приоритет е патот кон некоја форма на членство во Европската Унија – полноправно членство, или доколку европските институции сами одлучат да го моделираат на поинаков начин патот за земјите од нашиот регион ние немаме право на глас, тие можат тоа да го одлучат без нас и ние мораме да се подготвуваме за тие потенцијални сценарија“, вели Муцунски.
Македонскиот пемиер Христијан Мицкоски на 19 февруари изјави дека е можно Западен Балкан и Украина да влезат во Европската Унија како некаква комбинација, но без право на глас. Мицкоски тогаш рече дека во Брисел сè погласно се слуша идејата која го опфаќа мировниот план за Украина во кој, нејзината интеграција во Европската Унија, со цел идна реконструкција, би била на брза лента. Во таквите сценарија, како што рече, е вклучена и Македонија.

