Царинските службеници на Меѓународниот аеродром Скопје откриле непријавени 150 илјади британски фунти при контрола на патник, странски државјанин, кој патувал кон Лондон, соопшти Царинската управа.
Парите биле пронајдени при редовна контрола, а според соопштението, тие не биле пријавени согласно законските обврски.
„Царинските службеници на Меѓународниот аеродром Скопје, при контрола на патник, странски државјанин, кој патувал кон Лондон, открија 150 илјади британски фунти кои не биле пријавени согласно законските обврски“, информираат од Царинската управа.
Согласно Законот за девизно работење, на патникот му биле вратени девизи во противвредност од 10 илјади евра, додека преостанатите 141.315 британски фунти се привремено задржани.
Против патникот е поднесена соодветна прекршочна пријава.
Од Царинската управа велат дека институцијата континуирано спроведува активности насочени кон откривање и спречување на нелегалниот прекуграничен пренос на готовина.
„Царинската управа континуирано спроведува активности насочени кон откривање и спречување на нелегалниот прекуграничен пренос на готовина, со што директно придонесува во борбата против финансискиот криминал“, се наведува во соопштението.




