Никола Јокиќ се врати на паркетот по едномесечна пауза поради повреда на коленото и веднаш покажа зошто е трикратен МВП на НБА лигата. Во повратничкиот натпревар против ЛА Клиперс, и покрај ограничената минутажа, српскиот центар ги предводеше своите Денвер Нагетс до победа од 122:109. За само 25 минути игра забележа 31 поен, 12 скока и пет асистенции. Практично тој испиша историја бидејќи никој за толку кратко време немал ваков учинок.
Јокиќ пропушти 16 натпревари откако на 29 декември мораше да го напушти теренот во дуелот против Мајами Хит. Се повреди кога соиграчот Спенсер Џонс случајно му згазна на левото стапало, по што Јокиќ падна, се фати за коленото и со тешкотии се упати кон соблекувалната.
Му беше дијагностицирано истегнување на левото колено, а од клубот тогаш најавија дека неговата состојба ќе биде повторно проценета по четири недели. За време на неговото отсуство, Денвер оствари скор од 10 победи и 6 порази.
Кај Клиперс, најефикасни беа Џејмс Харден со 25 поени и девет асистенции и Кавај Ленард со 21 поен и шест додавања за кош.

