
Вардариште ќе почне поинтензивно да се чисти по празниците, а до крајот на идната година ќе треба да се реши и престојувалиштето на луѓето кои живеат на депонијата. Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски се сретна со претставници на иницијативата „Стоп за Вардариште“ на која вети дека планира да го интензивира површинското чистење на депонијата, но конечното решавање на деценискиот проблем ќе зависи од Министерството за социјална политика кое треба да им најде дом на луѓето кои престојуваат таму.
„На Вардариште има помалку површински отпад, но состојбата сè уште не е целосно санирана. Проблем е што депонијата ја обезбедува само еден полицаец во цивилно возило“; посочуваат од иницијативата.
Ѓорѓиевски информира дека во чистењето на Вардариште ќе бидат ангажирани приватни компании, „Улици и патишта“ и Општината Гази Баба, а обезбедувањето кое е во надлежност на Министерството за внатрешни работи го дополнува и „Комунална хигиена“ чии редари вршат надзор и спроведуваат вечерни патроли.
„После празниците ќе биде објавена тендерска постапка од Град Скопје, која ќе трае до средината на февруари. Целосната проектна документација, вклучително и ревизија на физибилити студијата од 2014
година, треба да биде готова до крајот на мај, а почетокот на одгаснувањето е планиран за август“, информираат од „Стоп за Вардариште“.
Посочуваат дека со градоначалникот Ѓорѓиевски ќе имаат средба и во февруари, а добиле ветување и дека за сите одлуки поврзани со Вардариште јавноста ќе биде известена.

