
Човек на кого му се припишува спасувањето животи за тоа што му одзема оружјето на еден од напаѓачите за време на масовното пукање на плажата Бонди во Австралија денеска доби чек од повеќе од 1,65 милиони долари, откако десетици илјади луѓе донираа на веб-страница за донации.
Ахмед ал Ахмед се скри зад паркирани автомобили пред да се нафрли на еден од вооружените лица одзади, земајќи му го оружјето и соборувајќи го на земја. Ахмед претрпел прострелни рани откако наводно во него пукаше вториот сторител и останува во болница по операцијата.
На Ахмед, муслиман, татко на две деца, му беше врачен чек на неговиот болнички кревет од Закери Дерењовски, инфлуенсер на социјалните медиуми и ко-организатор на страницата GoFundMe.
Повеќе од 43.000 луѓе ширум светот придонесоа за собирањето средства, вклучувајќи го и милијардерот менаџер на хеџ фонд Бил Акман, кој донира 99.999 австралиски долари и го сподели собирањето средства на неговата сметка X. Премиерот на Австралија и државниот премиер го посетија Ахмед во болница за да ја пофалат неговата храброст.
Кога му го дале чекот, Ахмед прашува: „Го заслужувам?“, на што Дерењовски одговара „секоја пара“, се гледа во видеото.
Кога го прашале што би им рекол на луѓето што донирале, Ахмед рекол: „Да застанат еден покрај друг, сите човечки суштества. И да заборават сè лошо… и да продолжат да спасуваат животи“.
„Кога ги спасив луѓето, го направив тоа од срце затоа што беше убав ден, сите уживаа во славењето, со своите деца, жени, мажи, тинејџери, сите беа среќни и заслужуваат, заслужуваат да уживаат“, рече Ахмед.
Петнаесет лица беа убиени, а десетици ранети во неделата откако двајца вооружени лица отворија оган врз луѓе кои го славеа Ханука, еврејскиот фестивал на светлата на познатата плажа. Властите тврдат дека нападот го извршиле 50-годишен татко, кој беше застрелан од полицијата, и неговиот 24-годишен син, кој беше критично ранет.

