Ова го истакнал министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, на средбата со министерот за надворешни работи на Сојузна Република Германија, Јохан Вадефул, кој во рамки на својата работна турнеја на Западен Балкан ја оствари првата официјална посета на Македонија.
На средбата, како што соопшти МНРиНТ, двајцата министри го поздравиле интензивниот политички дијалог на високо ниво што двете земји го развиваат повеќе од три децении. Се согласиле дека сеопфатната билатерална соработка во сите сектори претставува цврста основа за понатамошно интензивирање на дијалогот и развивање нови форми на партнерство.
„Министерот Муцунски се заблагодари за континуираната и недвосмислена германска поддршка на евроинтегративниот процес на нашата земја. Тој го информираше министерот Вадефул за актуелните активности поврзани со европската агенда, реформските процеси, регионалната соработка и добрососедските односи, при што ја потврди силната посветеност на Владата кон спроведување на реформите и напредокот на патот кон членство во Европската Унија“, стои во соопштението на Министерството.
Министерот Вадефул уверил дека Германија останува силен поддржувач на интеграцијата на земјите од Западен Балкан во ЕУ, вклучително и на нашата држава. Тој нагласил дека целосната европска интеграција на регионот претставува најсилен гарант за долгорочна стабилност, мир и просперитет во Европа, додаваат од МНРиНТ.

