Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вели дека српските служби веќе три дена залудно трагаат по двајца снајперисти кои, според него, се наоѓаат во Белград, но не посочи кој би можел да биде нивната мета. Ова Вучиќ го кажа во интервју за српската ТВ Прва, каде исто така обвини поединечни државни обвинители дека се криминалци и дел од „корумпирана банда“.
„Ние во моментов во Белград бркаме двајца снајперисти за кои знаеме дека се во градот и веќе три дена не можеме да ги пронајдеме. Се надевам дека ќе успееме. Кои се тие и кои им се метите – ќе видиме. Но, знаеме дека пристигнаа и знаеме од каде доаѓаат парите, верувам дека надлежните служби ќе успеат тоа да го решат“, рече Вучиќ.
Во тој контекст, тој рече дека постои „само еден начин на кој можат да го победат“, додавајќи дека за каква било промена на власта „не постои ниту еден друг начин“ бидеќји тој нема да прифати „сила, насилство, надворешно влијание“.
„Но, тоа им е единствениот начин, друг начин немаат. Мојата волја не можат да ја поколебаат, не можат да ме победат на избори, и тоа тие одлично го знаат“, рече Вучиќ.
Додаде дека се труди да каже „извинете“ за секој потежок збор, наведувајќи дека тоа е негова работа и обврска како претседател на државата.
„Дали некогаш сум претерал – па да, но човек сум од крв и месо. Тоа што јас го преживеав, немојте да се налутите, но никој од луѓето во Србија нема поминато низ таков вид на навреди, напади, притисоци, гадости кои морал да ги слушне за себе и за своето семејство“, рече Вучиќ.
Говорејќи за случајот во кој неколку државни функционери се осомничени за фалсификување документи при укинување на заштитата на објектот на Генералштабот како споменик на културата, Вучиќ директно нападна дел од обвинителите од Обвинителството за организиран криминал.
„Јас ви кажувам дека сте корумпирана банда во обвинителствата, во најголемиот дел од нив. Имате колку што сакате под ваша контрола корумпирани судии со кои работите“, рече претседателот истовремено додавајќи дека сепак верува оти „поголемиот дел од обвинителите и судиите се чесни и одговорни луѓе“.
Тој тврди дека „таа корумпирана банда“ го измислила случајот за Генералштабот, за кој, според него, уште во 2016 година барал да се реновира.
Тој тврди дека предложил таму да се изгради Музеј на жртвите на НАТО агресијата, и дека наводно постигнал договор со Американците, тие да платат за тоа. Наведе дека проектот бил планиран многу пред администрацијата на Трамп.
Вучиќ оцени дека целата истрага околу Генералштабот е резултат на „налог од надвор“ и дека „на Србија ѝ е забрането да воспостави подобри односи со администрацијата на Трамп“.
Тој изјави дека, доколку не се прифати реконструкцијата, ќе биде донесен лекс специјалис, со кој ќе се овозможи реализација на проектот.
Инаку, семејството на американскиот претседател на местото на зградата на Генералштабот во Белград има намера да гради т.н. Трамп кула. Генералштабот беше бомбрадиран во 1999 година за време на интервенцијата на НАТО кога режимот на Слободан Милошевиќ вршеше етничко чистење на Косово.
