„Со 17 проекти од оваа област, Скопје ќе стане првиот целосно – „пејпер фри“ град во државата, дигитален, модерен и транспарентен. Дигиталната трансформација ќе се изврши во три клучни сегменти – комплетна внатрешна дигитализација на сите процеси и процедури, креирање на дигитални услуги и сервиси за граѓаните и бизнис заедницата и комплетна дигитализација на Советот и на јавните претпријатија, со што градот ја започнува најголемата административна реформа досега“, изјави Ѓорѓиевски.
Програмата опфаќа внатрешна дигитализација на сите административни процеси, креирање дигитални услуги за граѓаните и бизнисите, дигитализација на Советот на Град Скопје и јавните претпријатија, формирање на „смарт центар“ за координација на дигиталните проекти, воведување на ERP и документ менаџмент системи, проект „дигитален близнак на Скопје“ за интелигентно урбано планирање, е-даноци, е-адреса и е-извод од ГУП за брзи и сигурни услуги, Скопје сити гоу (SKOPJE CITY GO) – картичка за интегрирани градски услуги и АИ (AI) Скопје за оптимизација на сообраќајот и јавните ресурси.
„Практичната имплементација на визијата за урбан развој на Скопје 2025-2045, ќе се реализира преку проектот ‘Дигитален близнак на Скопје’, со што ќе се создаде дигитална реплика на градот, со интеграција на просторни податоци, сензори и документи. Овој систем ќе овозможи интелигентно урбано планирање, поефикасно управување со инфраструктурата, климатска отпорност и брз одговор при непогоди“, појасни Ѓорѓиевски.
Покрај дигитализацијата на Градот, тој најави и комплетна дигитализација на Советот на Градот Скопје и јавните претпријатија кои ќе работат транспарентно и дигитално преку електронски седници на Советот и состаноците на Управните одбори, со електронски пристап до материјалите, гласање и дискусија, со јавна достапност на записниците.
Во однос на вториот столб од својата програма, младите, Ѓорѓиевски рече дека сака да изгради град кој ќе им понуди шанса, простор и поддршка на младите да растат и создаваат во Скопје. Како една од тие мерки е и ослободувањето од комуналии за млади брачни парови до 40 години.
„Младите брачни парови до 40 години, без друг имот, ќе добијат до 100 проценти ослободување од комуналии при изградба на куќа за домување. За општините што веќе донеле ваква одлука, како Кисела Вода, ослободувањето ќе изнесува 100 отсто, а за останатите општини – 60 проценти, односно делот кој му припаѓа на градот Скопје“, истакна Ѓорѓиевски.
Меѓу мерките што ги најави се и младинска квота за вработување како обврска за средни и големи компании да ангажираат најмалку еден млад вработен до 25 години на секои 20 постојни, младински центар за кариера – платформа за менторство, обука и поврзување со работодавачи, поддршка за млади занаетчии преку субвенции за опрема, стипендии и практикантства преку кампањата „Учи занает, гради иднина“, диско зона (Disco Zone) како специјализирани зони за ноќен живот надвор од центарот, со цел намалување на метежот и бучавата, дигитални станбени хабови како простори за кокреација, иновации и зелени зони, поврзани со јавен транспорт, „Паметно семејство“ преку станбени зони за млади брачни парови и повратници од странство и „Паметен пазар на недвижности“ со јавна платформа со информации за достапни станови и деловен простор.
„Кога младите остануваат и напредуваат во својот град, дигиталните услуги добиваат вистинска вредност, тие стануваат алатка за реални шанси, за транспарентност и чесност, за иднината на главниот град“, порача Ѓорѓиевски.
The post Ѓорѓиевски: Скопје ќе стане првиот целосно дигитализиран град appeared first on МКД.МК.