Од денеска фирмите кои имаат сметки во Алта банка од Битола ќе можат во целост да располагаат со нови приливи доколку доаѓаат од сметки на нивни клиенти отворени кај други банки и даватели на платежни услуги. Како што информираат од Народната банка, тоа значи дека фирмите ќе можат без ограничување на износот да ги користат дополнително примените средства врз оваа основа.
Од НБ информираат и дека и физичките лица можат во целост да располагаат со новите приливи на своите сметки во банката, доколку средствата доаѓаат од сметки отворени кај други банки и даватели на платежни услуги. Оваа можност се однесува на приливи од плати, пензии и социјални трансфери, коишто доаѓаат од институции или фирми коишто имаат сметки во други банки.
„Клиентите на Банката немаат потреба од отворање платежна сметка во друга банка, бидејќи ќе може да располагаат со пристигнатите приливи врз овие основи во целосен износ, со користење електронско или мобилно банкарство, користење платежна картичка или подигање готовина преку отворените шалтери на Банката“, велат од Народна банка.
Информираат дека филијалите на АЛТА банка во Струмица, Тетово и Прилеп, како и експозитурата во Скопје, во Трговскиот центар „Бисер“, продолжуваат со работа, каде што граѓаните можат да подигнуваат готовина во рамките на утврдените ограничувања и да вршат уплати за комунални услуги, отплата на кредити и други потреби.
Клиентите можат да ги користат и услугите на електронското и мобилното банкарство, при што важат лимитите до 15.000 денари неделно за клиентите со платежни картички и до 20.000 денари во период од две недели за клиентите без платежни картички. Лимитите се однесуваат збирно на сите сметки на клиентот и на сите канали за плаќање и повлекување средства.

