Студентите бараат зголемување на субвенционираниот студентски оброк од 140 на 200 денари дневно, но сè уште нема конкретен договор за новиот износ и за тоа кога би почнал да се применува. На средба со претставници на Владата, претставници на дел од студентите го разгледале предлогот за зголемување на месечната субвенција на 4.500 денари, како и промена на начинот на кој студентите ќе ги користат средствата.
Според најавениот модел, средствата би се користеле преку посебна дигитална услуга во апликацијата „М-услуги“, наместо преку досегашните платежни картички. Се разгледува и можноста студентите да добиваат дополнителни попусти за храна кај вклучените трговци.
Претседателката на Универзитетското студентско собрание при УКИМ, Ангела Василевска, изјави дека студентите немаат забелешки на идејата за промена на системот, но дека нивното главно барање е зголемување на финансиската поддршка. На средбата, според неа, не биле утврдени ниту висината на зголемувањето ниту датумот од кој би се применувало.
Тие ја поднеле иницијативата за зголемување на дневниот износ од 140 на 200 денари до Министерството за образование и наука на почетокот на академската година. Посочуваат дека од поднесувањето на барањето поминале повеќе од месец и половина, а сè уште немаат конкретен одговор.
„Не е спорно дали ќе имаме нов систем, спорно е кога државата ќе го зголеми износот на субвенционираниот студентски оброк“, изјави Василевска.
Националното студентско тело во кое членуваат претседателите на универзитетските студентски собранија, најави подготовка на дигитална платформа наречена „Студентски референдум“. Преку неа студентите непосредно би се изјасниле за предложените промени во субвенционирањето, но и за други прашања што ги засегаат.
Според најавата на студентските претставници, платформата би требало да биде подготвена до следната недела, по што би можеле да го утврдат заедничкиот став за предложениот модел.
Од Министерството за образование и наука најавуваат дека ќе има зголемување на субвенцијата, но засега не соопштуваат колку ќе изнесува и од кога ќе се применува. Министерката Весна Јаневска изјави дека за конечниот износ дополнително ќе се разговара со студентските претставници.
Претходно, со раководството на Универзитетското студентско собрание при УКИМ било договорено да се прошири кругот на студенти што имаат право на субвенциониран оброк, наместо да се зголемува дневниот износ. Сега студентите бараат повисока финансиска поддршка.
Една од причините за предложената промена на системот е средствата да се користат исклучиво за храна, а не за други производи.

