Во срцето на Сиднеј, во историската зграда „Кралица Викторија“, се чува запечатено писмо на британската кралица Елизабета Втора, кое не смее да биде отворено до 2085 година.
Кралицата го напишала писмото во ноември 1986 година, а неговата содржина до денес останува мистерија. Според историските записи, дури ни нејзините најблиски советници и членови на кралскиот двор не знаеле што точно напишала, пренесува „Телеграф“.
На надворешната страна на пликот кралицата оставила јасни инструкции до идниот градоначалник на Сиднеј.
„На ден што вам ви одговара, во 2085 година, ве молам отворете го овој плик и пренесете им ја мојата порака на граѓаните на Сиднеј“, напишала кралицата.
Зградата „Кралица Викторија“ била отворена во 1898 година. Во средината на 20 век се соочила со опасност од уривање, но благодарение на залагањата на граѓаните, архитектите и активистите, била зачувана и реставрирана.
Елизабета Втора го напишала писмото по повод завршувањето на реставрацијата во 1986 година. Изборот на 2085 година не бил случаен – тогаш истекува 99-годишниот договор за закуп на објектот.
По смртта на кралицата во септември 2022 година, писмото добило дополнително историско значење.
Се претпоставува дека во него би можело да има порака на благодарност до граѓаните кои се бореле за зачувување на зградата, како и желби за мир, напредок и просперитет на Австралија.
Сепак, неговата вистинска содржина ќе остане непозната уште речиси шест децении.

