Да не се бришат еколошките жешки точки од законот за животна средина, а реконструкција на тешка индустрија на растојание помало од пет километри од населено или заштитено место ќе биде возможна само доколку постои важечка интегрирана дозвола и ако целта е да се усогласи со најдобри достапни техники, се двата амандмани на законот за животна средина кои ја поминаа комисиската расправа.
Граѓанските здруженија поднесоа 17 амандмани на законот за кои сметаат дека се клучни за да се обезбеди вистинско учество на граѓаните во процесите на донесување одлуки, проектите да се оценуваат според јасни и еколошки критериуми, загадувањето и емисиите да не можат да се кријат, а заштитата на животната средина да не остане на хартија, но ниту еден од нив не беше прифатен на расправата на Комисијата за транспорт, дигитална трансформација и животна средина.
Прифатени се само два амандмани, поднесени од ВМРО ДПМНЕ и Левица кои се однесуваат на истите прашања кои ги адресираат и екологистите. Од Левица прифатен е амандманот што се однесува на контаминираните подрачја, односно во законот остануваат членовите кои ги уредуваат историските жешки точки.
„Комисијата се состана и не ги поднесе комисиски амандманите кои ги предложивме. Беа само пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и БЕСА. Од Левица имаа предложено осум амандмани, од кои само еден е прифатен, а Министерството за животна средина прифати да се измени членот за тешката индустрија, кој беше предложен од ВМРО-ДПМНЕ. Тој се однесува на обврската да биде јасно наведено дека реконструкција на индустрија е можна само ако има важечка интегрирана дозвола и ако целта е да се усогласи со најдобри достапни техники“, посочуваат екологистите.
Претходно граѓанските здруженија апелираа до пратениците од Комисијата и со пратеникот Тони Јаревски, кој е координатор на пратеничката Зелена група да ги прифатат сите 17 барања ,а во иднина ваков тип на предлог-измени на закони да се разгледуваат прво го Зелената група, пред да дојдат до пратениците.
Од граѓанската организација Еко свест претходно апелираа дека предложените измени на законот за животна средина не се во насока на остварување на целите на Директивата 2011/92/ЕУ, туку претставуваат парцијално определени членови чија измена не може да придонесе кон соодветна и целисходна примена на постоечкиот закон за животната средина и европската легислатива. Тие сметаат дека предложениот законски текст ќе придонесе кон создавање на правна празнина за толкување, како и дека предложените измени и дополнувања директно се повикуваат на одредбите на Законот за заштита на природата, а веќе има постапка за донесување на нов закон за природа кој е објавен на ЕНЕР, со што постои можност одредбите од овие два закони да не кореспондираат.
Екологистите, во предложените 17 амандмани бараа реконструкцијата на постоечка инсталација од тешка и загадувачка индустрија на помалку од 5 километри од населено или заштитено подрачје да може само ако има важечка А-интегрирана еколошка дозвола и ги исполни сите други законски обврски. Со овој амандман јасно се одделува кој може, а кој не да изврши реконструкција, а неактивни и напуштени инсталации на тешка индустрија нема да можат да се
рестартираат под изговор на реконструкција. Се бара и елаборатите да се објавуваат пред да бидат одобрени, јавноста да има 15 дена за забелешки, институцијата задолжително да ги разгледа и да образложи што прифатила или одбила, а засегнатите граѓани и еколошките здруженија да имаат право на жалба. Ова, според екологистите е важно бидејќи со елаборати се одобруваат и каменоломи, рудници, постројки за третман и преработка на пластика, хемиска индустрија, третман на опасен отпад кои може значително да загадуваат, а законот и со новиот предлог измени не предвидува јавноста, која ги трпи последиците, да биде вклучена пред да се одобри елаборатот.
Еден амандман предвидува да не се избришат контаминираните подрачја од законот, да останат одредбите за идентификација, прогласување, управување и ремедијација на контаминирани локации, како и принципот „загадувачот плаќа“, сè додека оваа материја навистина не биде уредена со нов Закон за почви. Да има и споредливи национални и годишни општински извештаи, со иста единствена методологија, минимална содржина и показатели за загадувањето, притисоците, трендовите и мерките, и тие да бидат јавно објавени.
Се бара и со Студијата за оценката за влијание врз животната средина задолжително да се оценува и кумулативните влијанија, биодиверзитетот и заштитените видови и живеалишта, како и ранливоста на проектот на големи несреќи и катастрофи, како што тоа го бара Директивата, со која предложените измени се усогласуваат. Законот да ја одреди и минималната содржина на Студијата, а Комисијата што ја проверува ОВЖС студијата мора да има стручност соодветна на
конкретниот проект.
Амандманите бараат да се утврдат и минималните податоци од инвеститорот, односно во самиот Закон да стои дека известувањето мора да содржи податоци за целиот проект, локацијата, чувствителноста на подрачјето, емисиите, отпадот, природните ресурси и можните значајни влијанија, како и можност пред Министерството да одлучи дека за некој проект не е потребна ОВЖС, документацијата да биде јавна и граѓаните да имаат 15 дена за забелешки. Екологистите бараат молчењето на институциите да не се смета за согласност, а податоците за емисиите не смеат да бидат деловна тајна. Јавниот оглас за јавните расправи да биде објавен најмалку 15 дена однапред, расправата да биде достапна за засегнатите граѓани, да присуствува одговорниот експерт, а забелешките, заклучоците и видео-записот од расправата да бидат јавно објавени.
Со амандманите се бара и рокот за донесување на потребните подзаконски акти да се скрати од 12 на 6 месеци, за Законот побрзо да почне реално да се применува.

