Нема голем процент на исполнување на заложбите за поголема транспарентност во работата на институциите кои се занимаваат со прашањата за животна средина и клима. Националните акциски планови подготвени во рамките на Партнерството за отворена власт предвидуваат повеќе активности со кои процесите за носење акти или одлуки за еколошките прашања треба да добијат поголема јавност и поголема отчетност на институциите пред граѓаните кои ги засегаат овие прашања.
Актуелниот акциски план содржи две заложби во делот за животна средина и клима, но ниту една од нив не е целосно исполнета. Планот истекува годинава, а се очекува наскоро да излезе новиот, седми план кој ќе треба да се исполни во следните две години.
Една од заложбите, кои во 2024 година биле креирани на заедничка маса меѓу институциите и граѓанските организации, се однесува на зголемувањето на информираноста на граѓаните за активностите на институциите поврзани со климатските промени преку унапредување на интерсекторската соработка помеѓу Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) и Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП). Целта е да се надмине проблемот на ранливост на земјоделското производство од климатските промени, што ќе се постигне со поголема соработка и размена на информации меѓу двете министерства. Сепак, во изминатите две години многу малку се постигнало на ова поле.
Активностите за зајакнување на соработката меѓу МЗШВ и МЖСПП се во тек, односно само се работело на формирањето интерсекторска група или друг механизам кој што ќе ја овозможи редовната комуникација помеѓу институциите во делот на климатските промени и на утврдување на содржина која што редовно ќе се објавува на порталите на двете министерства. Но, активностите за зголемување на транспарентноста и отчетноста на министерствата во делот на климатски промени, преку креирањето посебен штаб за климатски промени во рамките на МЗШВ, не се отпочнати.
Втората заложба од актуелниот национален план што се однесува на животната средина предвидува ефикасно учество на јавноста во донесување одлуки во областа на водното право, но ниту една од трите достигнувања не се постигнати во изминатиот период од две години. Првата е поврзана со менувањето на член од законот за животна средина со што ќе се овозможи учество на јавноста во постапките за изработка и одобрување на елаборатите за заштита на животната средина. Другите две предвидуваат изработка на платформа на веб-страницата на МЖСПП која што ќе биде наменета за објавување на документи од областа на водно право кои што се задолжителни за консултација со граѓаните и пошироката јавност, како и редовното објавување на сите документи поврзани со дозволите за водно право на таа платформа, речиси и да не се започнати.
Претходно, во рамки на петтиот Национален акциски план за 2021-2023 година беа постигнати значителни достигнувања на полето на подобрување на информираноста на граѓаните за аерозагадувањето. Како дел од заложбите, Министерството за животна средина постави четири нови мерни станици во рамките на државната мониторинг мрежа во Прилеп, Штип, Охрид и Берово, за да се надополни обемот на информации за нивото на загадување во овие четири града кои се објавуваат на порталот на министерството за животна средина.
И во овој план, како и во актуелниот, беше предвидена заложба за намалување на ефектите од климатските промени на земјоделските активности која требаше да се реализира преку зголемување на обемот на информации помеѓу руралното население за негативните ефекти од климатските промени и загадувањето на животната средина, со едукација за добра земјоделска пракса, санкциите доколку не се применува, како и со изработка на нов правилник за добра земјоделска пракса, но ниту едно од овие достигнувања не беше ниту отпочнато.
Во најновиот седми, акциски план што е во подготовка и ќе треба да се реализира до крајот на 2028 година, се предлагаат повеќе заложби поврзани со животната средина. Една од нив е и унапредувањето на транспарентноста во изградбата на мали хидроцентрали, што во изминатите години се докажа како еден од процесите што се одвива далеку од очите на јавноста. Податоците од надлежните институции во овие области се ограничени, а граѓаните немаат јасна претстава за тоа како овие договори влијаат врз економијата и животната средина. Во овој момент постои само регистар со основни информации кои не се доволни за да се утврди фактичката состојба со изградбата на мали хидроцентрали, бенефитот од истите, начинот на функционирање или пак околностите под кои е склучен договорот. Главна цел на заложбата е воспоставување на единствен регистар на договори за концесии на мали хидроцентрали кој ќе обезбеди транспарентност во процесот на доделување и спроведување.
Планот во подготовка предвидува и воспоставување на систем на редовно објавување на локални податоци и извештаи за управување со отпад, вклучително и планови, рокови и статус на спроведување што ќе ги обврзе општините да ги отворат овие податоци и да им дадат можност на граѓаните, граѓанските организации и другите засегнати страни да ја следат работата на општините и комуналните претпријатија, да учествуваат во процесите на донесување одлуки и да бараат отчетност за постигнатите резултати. Се предвидува и изработка на стратешка карта за бучава и воспоставување мрежа за мониторинг на бучавата во урбаната зона која треба јавно и транспарентно да биде објавена. Една од заложбите е и да се ревитализира постојниот или да се воспостави нов SCADA систем на ниво на Град Скопје кој ќе овозможи централизирано следење, автоматско алармирање и ефикасно управување со водоводната и канализациската инфраструктура, со посебен фокус на одржувањето и работењето на Пречистителната станица за отпадни води Волково.
Акцискиот план кој е во подготовка, предвидува и креирање на дигитален климатски атлас на Македонија, кој истовремено ќе биде ГИС Платформа односно платформа за географски податоци. Потребата од ваква заложба е поради фактот дека податоците поврзани со климатските промени, климатските ризици и мерките за адаптација се распределени помеѓу различни институции, проекти и бази на податоци, при што често не се лесно достапни, поврзани или разбирливи за јавноста, локалните власти и другите засегнати страни. Недостасува единствена дигитална платформа преку која на едно место ќе бидат достапни просторни и аналитички податоци за климатските трендови, ризиците од екстремни временски појави, ранливоста на различни подрачја, мерките за адаптација, како и информации поврзани со урбаното планирање, градежните стандарди и управувањето со природните ресурси.
Предвидено е и да се воспостави и јавна интерактивна мапа на диви депонии која ќе овозможи транспарентен увид во нивната локација и статус, граѓанско пријавување на нови локации и следење на постапувањето на надлежните институции.

