„Ова што го гледате зад мене е старата зграда изградена во 1947 година, каде во моментов наставата се одвива во две смени. Како што гледате и самите условите се мизерни, но принудени сме да ја одвиваме наставата во вакви услови“, изјави наставникот во ова училиште, Мизирет Јусуфи за Порталб.мк.
Тој вели дека поради несоодветните услови наставниците и Советот на родители презеле иницијатива за изградба на нов објект. Објектот беше изграден со помош на донатори, но градежните работи беа прекинати и тој остана недовршен.
„Причина за ваквите услови беше и револтот кај наставниците, како и кај Советот на родители, да преземеме иницијатива за изградба на оваа зграда. Благодарение на донаторите кои ни подадоа рака, стигнавме до оваа состојба што ја гледате“, вели Јусуфи.
Според него, подоцна објектот станал проблематичен поради неговиот статус и била поднесена и кривична пријава со образложение дека е дивоградба. Новиот училишен објект веќе е легализиран и премина во сопственост на Општина Крушево.
Претседателот на Советот на родители во ова училиште, Дашмир Јусуфи, вели дека по легализацијата не е работено на објектот и дека досега не се обезбедени средства за продолжување на работите.
„По легализацијата на новиот училишен објект досега ништо не е работено. Не се обезбедени средства за продолжување на работите, а не верувам дека има и конкретен план од страна на сопственикот на објектот, Општина Крушево“, рече тој.
Според него, од Општина Крушево дале до знаење дека нема доволно буџет за комплетирање на објектот и дека ќе бара средства од Министерството за образование и наука.
„Општина Крушево нема сопствен буџет со кој би можела да го комплетира новиот училишен објект, туку ќе бара средства од МОН за да го комплетира истиот“, вели Јусуфи.
Друга пречка, според Општината, е тоа што селото Нерово не е опфатено со Деталниот урбанистички план. Според одговорот што го добиле родителите Општината е во завршна фаза на подготовка на овој план.
„Одговорот од Општина Крушево за ова прашање е дека селото Нерово, каде што се наоѓа и новиот училишен објект, не е опфатено со Деталниот урбанистички план и дека Општина Крушево е во негова завршна фаза, и дека ќе биде завршен за неколку месеци“, изјави тој.
Меѓутоа, досега не е даден конкретен рок кога ќе започнат работите. Што се однесува до ангажманот на албанските политички претставници во централната власт, од Советот на родители велат дека немало конкретно ветување за забрзување на изградбата.
„Ниту еден албански политички претставник од централната власт не се заложил дека ќе помогне во забрзувањето на изградбата на новиот објект“, истакна претседателот на Советот на родители.
Во меѓувреме, учениците и понатаму учат во стариот објект, и се жалат на условите во него.
„Во ова училиште немаме добри услови. Ни требаат клупи, ни требаат столици. Кога врне дожд, ни протекува покривот. Сакаме да имаме училиште како и другите села, затоа сакаме да го средиме новото училиште“, изјави една ученичка.
„Воопшто немаме добри услови. Кога врне дожд водата ни протекува во училницата, а ни тоалетите не ни се добри, немаме клупи, столици“, рече друга ученичка.
МОН: Оваа година не се предвидени средства за училиштето
Од Министерството за образование и наука информираат дека постапката за обезбедување на правна документација за училишниот објект во Нерово, преку Министерството за транспорт, е завршена. Според МОН, средствата за завршување на објектот може да се планираат во иднина, но не и во текот на оваа година.
„За училишниот објект во селото Нерово е спроведена постапка за обезбедување правна документација преку Министерството за транспорт, бидејќи претходно му припаѓаше на друга општина. Оваа постапка е завршена и во иднина може да се планираат средства за завршување на започнатата изградба. За оваа година не се предвидени средства“, се вели во одговорот на МОН за Порталб.мк.
Порталб.мк упати прашања и до Општина Крушево во врска со планот и роковите за продолжување на работите, но до објавувањето на овој текст не доби одговор.
Бојкотот, посетата на амбасадорот Меидани и ветувањата на ВЛЕН што останаа нереализирани
Проблемот со училиштето во Нерово се актуелизираше минатата година, кога жителите и родителите протестираа откако беа прекинати работите на новиот објект што се градеше со нивен придонес. Учениците ја бојкотираа наставата, а родителите побараа легализација на објектот и создавање на услови тој да се стави во употреба.
Во јуни 2025 година претставници на Министерството за образование извршија увид на стариот и на новиот објект. Од Министерството тоа време изјавија дека стариот објект не е во добра состојба. Но, состојбата останува непроменета и покрај посетата на заменик-министерот за образование и наука, Љулзим Алиу, заедно со пратеникот Беким Ќоку и други пратеници од владејачката коалиција. За време на директната средба со жителите, родителите и образовниот кадар во Нерово, беше гарантирано дека МОН ќе го преземе деблокирањето на административните пречки, целосната легализација и обезбедувањето на потребниот фонд за завршување на преостанатите работи.
Но, една година по овие изјави во селото не е пристигната никаква градежна машинерија, нема никаква видлива постапка за набавка, а ниту е завршена распределбата на средства.
Во Нерово беше и амбасадорот на Албанија во Северна Македонија, Денион Меидани, кој се сретна со жителите и ги слушна нивните барања. Неговата посета беше проследена со барања за решавање на проблемот со училиштето.
На 1 јули 2025 година Владата донесе одлука со која се отвори патот за решавање на правниот статус на имотот каде што се наоѓа училиштето и негово префрлање во сопственост на Општина Крушево.
По оваа одлука настана кавга околу тоа чии се заслугите. ДУИ и АА потврдија дека ова решение е постигнато со ангажман на амбасадорот Меидани. Од друга страна, претседателот на ВЛЕН, Биљал Касами, изјави дека проблемот со училиштето во Нерово бил занемарен од претходните влади и дека решението е резултат на ангажманот на актуелната Влада. Тој исто така реагираше на обидите заслугата да му се препише на амбасадорот Меидани.
И други претставници на ВЛЕН дадоа ветувања за решавање на ова прашање. Поранешниот заменик-министер за образование, Љуљзим Алиу, рече дека по решавањето на имотното прашање ќе следи легализација и ставање во функција на новиот објект, нагласувајќи дека тој нема да се руши.
Од ВЛЕН потоа изјавија дека прашањето за албанското училиште во Нерово е решено и дека учениците ќе учат во новиот објект.
И поранешниот претседател на Алтернатива, Зеќирија Ибрахими, го опфати овој случај во резултатите од работата на ВЛЕН, велејќи дека објектот е легализиран и дека ќе продолжи со работа.
Но, една година по бојкотот, одлуката за легализација и ветувањата на ВЛЕН, новиот објект сè уште не е во употреба. Учениците Албанци во Нерово и понатаму учат во зградата изградена во 1947 година, а родителите и наставниците чекаат да завршат процедурите и да продолжат градежните работи.

