Во „Европска куќа“ во Скопје вечерва беше презентиран водичот „Северна Македонија: природа, планинарство и култура“ од Алесио Ликуори.
На презентацијата присуствуваа и евроамбасадорот Дејвид Гир, италијанскиот амбасадор Андреа Силвестри, како и издавачот Алберто Ости.
Авторот во изјава за МИА, рече дека целта на водичот, на што работел година и пол, е Италијанците да ја запознаат Северна Македонија и да може туристи од Италија да дојдат тука.
– Да ја истражат. Убава земја со убави луѓе, со убава храна. Мислам дека има многу можности за повеќе зелен туризам, кажа тој, зборувајќи на македонски јазик.
Тој додаде дека планините се многу убави, слични биле како оние во јужна Италија. Природата е многу убава и според него, треба да се чува малку подобро.
– Секоја планина е различна и секоја авантура сама за себе е различна. Секој пат кога се оди на планина е друг пат, затоа што планините се менуваат секој ден, одговори тој на прашање што нему му оставило најголем впечаток.
Тој истакна дека има млади луѓе кои многу ја ценат природата на нашата држава.
– Ама искрено, мислам дека постари генерации, не толку, како младите, ни откри Ликуори, прв секретар, заменик-амбасадор во Амбасадата на Италија четири години, ја заврши мисијата кај нас во 2021 година.
Од присутните беше прашан дали пробал, ја дегустирал ли квалитетната македонска ракија, додека ја истражувал македонската природа, на што тој одговори потврдно.
– Кога бев по планини тука, секако, по планинарски куќи, се разбира, на вечера, убаво е и да се опуштаме малку и со убава ракија, ама не премногу, зашто не е добро кога се оди пешки во природата сами, подобро е да не се пие премногу, се насмеа Ликуори.
За него беше кажано дека е аматер фотограф, има и негови фотографии во водичот, планинар, велосипедист, голем љубител на спортските активности воопшто.
Евроамбасадорот Гир пред присутните изјави дека има толку многу работи да се откријат во Северна Македонија, а најдобриот начин за тоа е, како што посочи, на нога.
Италијанскиот амбасадор Силвестри, кој исто така зборуваше и на македонски јазик, рече дека четири години во една земја значи да се добие одлична професионална можност, но, исто така и можност подобро да се запознае земјата, не само од политички и од економски аспект, туку и од културен, историски, пејсажен и воопшто, во аспект на хоби и личен сензибилитет.
– Тоа е случајот со Алесио. За време на неговото искуство овде, за викендите, тој ги истражуваше планините на оваа прекрасна земја. Во Северна Македонија каде и да погледнеш, можеш да видиш планина, рече италијанскиот амбасадор.
Тој, меѓу другото, потсети дека оваа година, Амбасадата на Италија го поддржува Ехо фестивалот на планински филм, што започна вчера во Скопје.
На презентацијата на водичот беа споделени искуства од нашата земја, а присутните можеа и да поставуваат прашања до авторот.