Трет пациент почина од западнонилска треска во земјава, додека шестмина од хоспитализираните се во критична состојба и се лекуваат на интензивна нега на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.
Починатиот пациент имал 61 година и бил од едно од подрачјата зафатени со епидемијата, информираше денеска министерот за здравство Сашо Клековски. Пациентот починал во саботата и освен што бил со зголемена телесна тежина, немал други придружни заболувања.
Според најновите податоци соопштени на прес-конференцијата, во земјава досега се потврдени 35 случаи на инфекција со вирусот Западен Нил. Уште три случаи се водат како сомнителни и за нив е во тек дијагностичката постапка.
На Инфективната клиника во моментов се хоспитализирани 16 пациенти, од кои шестмина се во критична состојба. Еден пациент се лекува во приватна здравствена установа, а 15 лица досега се опоравиле и биле отпуштени од Клиниката.
Вториот смртен случај беше регистриран на 14 август кај 72-годишен скопјанец со придружни заболувања. Кај него била лабораториски потврдена инфекцијата, а на Клиниката бил примен со тешка форма на менингоенцефалитис и изразени невролошки симптоми. И покрај интензивното лекување, неговата состојба прогресивно се влошувала, информираше директорот на Клиниката Фадил Цана.
Првата жртва годинава беше 83-годишен пациент со придружни заболувања, кај кого била дијагностицирана невроинвазивна форма на болеста.
Од 26 на 35 случаи за помалку од една недела
Бројот на регистрирани случаи продолжува брзо да расте. Заклучно со 11 август, Институтот за јавно здравје евидентирал 26 случаи, од кои 24 потврдени и два веројатни. Шест дена подоцна здравствените власти соопштија дека има 35 лабораториски потврдени случаи и уште три сомнителни.
Од 26-те пациенти опфатени со извештајот на ИЈЗ, 25 биле од Скопје, а еден од Велес. Дваесет и двајца биле постари од 60 години, додека преостанатите четворица биле на возраст меѓу 50 и 59 години.
Кај сите дотогаш регистрирани пациенти била дијагностицирана невроинвазивна форма на болеста, односно енцефалитис, менингитис или комбинација од двете и сите биле хоспитализирани. ИЈЗ оцени дека просторната концентрација и временската динамика на случаите укажуваат на интензивирана локална трансмисија на вирусот во Скопскиот регион.
Првиот пациент годинава добил симптоми на 12 мај. Најголемиот број случаи се појавиле во текот на јули и во првата половина на август.
Епидемија во делови од пет скопски општини
Центарот за јавно здравје – Скопје на 11 август прогласи епидемија во зафатените подрачја во општините Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром, Бутел и Илинден. Според Министерството за здравство, меѓу населените места со регистрирана циркулација на вирусот се и Драчево, Пржино, Долно Лисиче, Кадино и Јурумлери.
Епидемиолозите предупредуваат дека местото на живеење не мора да биде и местото каде што пациентот бил заразен. Веројатното место на изложување се утврдува според движењето на пациентот во периодот на инкубација, кој трае од три до 14 дена.
Најголемиот дел од случаите се локално стекнати, што потврдува дека вирусот циркулира во земјава. Од пациентите опфатени со извештајот на ИЈЗ до 11 август, само еден имал историја на патување во Грција, но неговиот период на инкубација го опфаќал и престојот во Македонија.

Првото прскање против комарци во Скопје било на 7 мај
Државниот санитарен и здравствен инспекторат извршил вонредна контрола на спроведените дезинсекции во општините во кои се регистрирани случаи.
Според Клековски, првиот третман против комарци во Скопје годинава бил спроведен на 7 мај, иако вообичаено активностите започнуваат во април. Според објавите на локалните медиуми, доцнењето се случило поради поништен тендер.
До 27 јули Градот имал спроведено пет третмани против ларви и повеќе авионски и терестријални третмани против возрасни комарци, покажува објавениот распоред. Дополнителна авионска дезинсекција против ларви беше спроведена на 11 август, а за 18 август е најавен нов третман од земја.
Во одделни подрачја биле спроведувани и вонредни третмани во радиус од околу 200 метри од живеалиштата на пациентите. Клековски оцени дека прскањето од земја може да биде поефективно во конкретните жаришта.
Инаку, Западнонилската треска првпат била регистрирана во Македонија во 2011 година. Од тогаш до крајот на 2025 година биле потврдени вкупно 54 случаи и пет смртни исходи поврзани со инфекцијата, покажуваат податоците на ИЈЗ.
Тоа значи дека 35-те потврдени случаи годинава претставуваат речиси две третини од вкупниот број регистриран во претходните 15 години.
Во септември 2024 година, Мета.мк објави за смртта на 78-годишен пациент од Облешево, кој развил енцефалитис и починал една недела по појавата на првите симптоми.
Зголемен број случаи годинава се регистрира и во Грција. Заклучно со 12 август, грчката Национална организација за јавно здравје евидентирала 110 локално стекнати инфекции, од кои 81 со невроинвазивна форма, како и девет смртни случаи. Сите починати биле постари од 65 години, покажува неделниот извештај на грчките здравствени власти.
Најголемиот број инфекции остануваат непрепознаени
Вирусот Западен Нил се одржува во природен циклус меѓу птиците и комарците, најчесто од родот Culex. Луѓето се заразуваат преку убод од инфициран комарец. Болеста не се пренесува преку вообичаен контакт меѓу луѓето.
Околу 80 отсто од инфицираните немаат симптоми. Кај приближно 20 отсто може да се појават температура, главоболка, замор, болки во телото, гадење, повраќање или осип. Кај помалку од еден отсто се развива невроинвазивна форма која може да предизвика менингитис, енцефалитис или парализа, наведуваат Светската здравствена организација и европските здравствени институции.
Оттаму, бројот на официјално потврдени случаи не го претставува вкупниот број заразени. Здравствениот систем најчесто ги открива пациентите со потешки и невролошки симптоми, додека асимптоматските и полесните инфекции остануваат нерегистрирани.
Не постојат вакцина за луѓето ниту специфичен антивирусен лек. Третманот е симптоматски, а кај тешките случаи се потребни болничко лекување, интензивна нега и респираторна поддршка.
Граѓаните треба да користат репеленти, да носат облека со долги ракави и ногавици, да постават заштитни мрежи на прозорците и да избегнуваат престој на отворено во зори и во самрак. Застоената вода во саксии, кофи, буриња, олуци и стари гуми треба редовно да се отстранува.
Висока температура, силна главоболка, вкочанет врат, дезориентираност, нарушена свест, тресење, грчеви или слабост на екстремитетите можат да укажуваат на невролошки компликации и бараат итна лекарска помош.

