Независноста на судството во Македонија е многу ниска, политичките притисоци продолжуваат, а високопрофилните корупциски предмети ретко завршуваат со правосилни пресуди, што го засилува чувството на неказнивост.
Ова се дел од главните оценки во најновиот Извештај за владеењето на правото за Северна Македонија, што Европската комисија го објави вчера, на 17 јули.
ЕК посочува дека избрани функционери и владини претставници ги засилиле личните критики кон судии и обвинители, обвинувајќи ги за корупција. Од највисоките нивоа на Владата, потсетува извештајот, беа давани и изјави за „чистење“ на судството и обвинителството.
Комисијата предупредува дека ваквите изјави ризикуваат да ја поткопаат независноста на судството и уставниот принцип на поделба на власта.
Пад од седум процентни поени за една година
Само 21 отсто од граѓаните ја оценуваат независноста на судовите и судиите како „прилично добра“ или „многу добра“. Во 2025 година таква оценка дале 28 отсто од граѓаните, што значи дека за една година има пад од седум процентни поени.
Идентичен пад е регистриран и кај компаниите. Во 2026 година само 19 отсто од нив ја оцениле независноста на судството позитивно, наспроти 26 отсто во 2025 година.
Како главни причини за недовербата, граѓаните ги посочуваат мешањето и притисокот од Владата и политичарите. И граѓаните и компаниите укажуваат и на притисоци од економски и други посебни интереси.
Овие официјални податоци на ЕК покажуваат дека не станува збор за пад од два процентни поени, како што беше пренесено во дел од медиумите, туку за намалување од седум процентни поени и кај граѓаните и кај компаниите.
ЕК нотира и дека судиите и обвинителите се соочуваат со зголемен притисок преку јавни кампањи за оцрнување, што се водат онлајн и преку медиумите, а во кои се вклучени високи претставници на извршната власт и политичари.
Судскиот совет, Врховниот суд и Здружението на судии веќе реагирале со заедничко соопштение поради постојаните и неаргументирани критики кон правосудството, оценувајќи дека тие ја поткопуваат судската независност и ги нарушуваат демократските принципи на поделба на власта.
Разрешувањето на државниот обвинител створи ризик од политизација
Постапката што Владата ја започна за разрешување на тогашниот државен јавен обвинител Љупчо Коцевски, според Европската комисија, ги покажа слабостите во правилата за разрешување и створи ризик од политизација.
Коцевски поднесе оставка на 16 декември 2025 година пред собраниската седница на која требаше да се разгледува владиниот предлог за негово разрешување. Предлогот се темелеше на наводи дека го нарушил угледот на правосудството иако Советот на јавните обвинители даде негативно мислење.
Засегнатите страни, како што наведува ЕК, ја оценија постапката како негативен преседан со потенцијално сериозни последици за автономијата на Јавното обвинителство. Беа отворени и прашања за владеењето на правото, доследноста на институционалните постапки и недоволно јасната фактичка и правна основа за разрешувањето.
Новиот државен јавен обвинител Ненад Савески беше избран на 18 март годинава пред најавеното донесување на нов Закон за јавното обвинителство.
ЕК додава дека биле предложени измени на Законот за јавното обвинителство и биле усвоени измени на Законот за Советот на јавните обвинители, но оценува дека се потребни дополнителни корекции. Меѓу другото, од ЕК потсетуваат дека сè уште не се целосно спроведени препораките на Венецијанската комисија за јасно определување на основите за разрешување на државниот обвинител и за обезбедување плурализам при изборот на членовите на Советот.
Извештајот не ја споменува по име поранешната обвинителка Ленче Ристоска, но јасно е на кого мисли ЕК кога зборува за притисок и лични критики кон судии и јавни обвинители. Во април годинава таа поднесе оставка од обвинителската функција откако Савески ѝ ги повлече овластувањата за застапување во повеќе високопрофилни предмети, меѓу кои и „Талир 1“ и „Талир 2“ против поранешниот премиер и бегалец од правдата, Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ.
Ристоска тогаш соопшти дека повеќе не постојат услови за независно и принципиелно извршување на обвинителската должност и предупреди дека одземањето на предметите носи конкретни ризици за постапките што се однесуваат на висока корупција и криминал.
Судството добива речиси трипати помалку пари од законски предвиденото
Европската комисија оценува дека независноста на судството и автономијата на обвинителството се поткопуваат и преку недоволното финансирање.
Буџетите и на судството и на Јавното обвинителство остануваат под законски утврдениот минимум, а во 2025 година средствата биле намалени за дополнителни 4,3 отсто во споредба со претходната година.
За судскиот систем, наместо законски предвидените 0,8 отсто од бруто-домашниот производ, во Буџетот за 2026 година биле издвоени средства во висина од само 0,28 отсто од БДП.
За Јавното обвинителство биле издвоени 0,21 отсто од вкупниот државен буџет, наспроти законски предвидените 0,4 отсто.
Судовите и обвинителствата и понатаму мора да добијат формално одобрение од Министерството за финансии за внатрешно распоредување на парите, вработување и други кадровски одлуки. Според ЕК, тоа не им овозможува вистинска буџетска автономија.
Собранието во февруари годинава, во скратена постапка, ги намали коефициентите за пресметување на платите на судиите и обвинителите. Уставниот суд на 8 април ги укина овие измени, нагласувајќи дека финансиската независност на судството е уставно загарантирана.
Недостигаат третина од судиите и 63 отсто од помошниот кадар
Недостигот од кадар во правосудството дополнително се влошува, се вели во извештајот на ЕК. Систематизацијата на Судскиот совет предвидува 636 судиски места, а до крајот на октомври 2025 година биле пополнети само 432.
Тоа значи дека во судството недостигаат околу 32 отсто од предвидените судии. Дополнително, до крајот на 2028 година уште 84 судии треба да ги исполнат условите за пензионирање.
Недостигот од стручен и помошен кадар достигнува 63 отсто. Во одредени судови, според информациите што ги пренесува ЕК, судиите се принудени самите да извршуваат административни и технички задачи, а дел од основните судски услуги се одржуваат со донаторска помош.
Поради недостиг од пари, во декември 2025 година беше поништен приемот на 130 кандидати во деветтата генерација на Академијата за судии и јавни обвинители. Бидејќи во моментов нема нова генерација на почетна обука, нови кандидати за судии и обвинители нема да бидат достапни пред 2028 година.
ЕК бележи и дека во специјализираното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција работат 13 обвинители иако со систематизацијата се предвидени 18.
Измените на Кривичниот законик повторно оставаат простор за застарување
Посебно загрижувачки се оценките за измените на Кривичниот законик.
Собранието на 28 јануари 2026 година усвои нови измени, замислени како привремено решение за отстранување на дел од последиците од спорните измени од септември 2023 година. Паралелно се подготвуваат целосно нов Кривичен законик и нов Закон за кривичната постапка.
Сепак, засегнатите страни со кои разговарала Европската комисија оцениле дека и новото решение има повеќе слабости во споредба со законската рамка што важела пред 2023 година.
Примената на кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување е ограничена на ситуации што исклучително ретко се среќаваат во практиката. Со тоа други ситуации практично се декриминализираат и се создава правна несигурност.
Максималните казни за потешките облици на делото и понатаму се пониски од оние што важеле пред измените во 2023 година. Пониските казни автоматски значат и пократки рокови за застарување, со што обвинителите и судовите добиваат помалку време за истрага и гонење на сложените корупциски предмети.
ЕК потсетува дека по измените од 2023 година повеќе истраги и судски предмети морале да бидат запрени затоа што настапила застареност или затоа што конкретните дела биле избришани од Кривичниот законик.
Високата корупција ретко завршува со правосилна пресуда
И покрај неодамнешните напори за истрага и гонење корупција, судските одложувања, ретките правосилни пресуди и ограничените ресурси го спречуваат создавањето веродостојни резултати во борбата против високата корупција.
Во извештајниот период биле отворени повеќе истраги против актуелни и поранешни високи функционери, а дел од нив завршиле со обвиненија и судски постапки. Но, според ЕК, високопрофилните корупциски случаи ретко водат до правосилни осудителни пресуди, што дополнително придонесува кон чувството на неказнивост.
Јавното обвинителство и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција се соочуваат со зголемен број предмети, недоволен број обвинители, застарена опрема и недостиг од пари.
Во исто време, 92 отсто од испитаниците во Северна Македонија сметаат дека корупцијата е широко распространета, наспроти просекот од 71 отсто во Европската Унија. Кај компаниите, 91 отсто сметаат дека корупцијата е распространета, во споредба со 65 отсто во ЕУ.
Само 32 отсто од граѓаните сметаат дека има доволно успешни судски гонења за да се одвратат луѓето од коруптивни практики. Кај компаниите, само 22 отсто веруваат дека лицата и фирмите фатени при поткупување висок функционер добиваат соодветна казна.
„Талир 2“ и „Тотал“ како најнов контекст
Извештајот на ЕК не ги споменува предметите „Талир 2“ и „Тотал“. Нивните исходи беа објавени само неколку дена пред објавувањето на документот, но директно се однесуваат на проблемите што Комисијата ги идентификува: измените на Кривичниот законик, застарувањето, долготрајните постапки и ретките конечни исходи во високопрофилни предмети.
Основниот кривичен суд Скопје на 14 јули го ослободи поранешниот премиер и бегалец од правдата Никола Груевски во повтореното судење за „Талир 2“. Судот го одби и барањето на обвинителството за конфискација на имотот на ВМРО-ДПМНЕ, вклучувајќи го и партиското седиште, познато како Белата палата.
Судијката Даниела Алексовска-Стојановска рече дека ослободителната пресуда е исклучиво последица на измените на Кривичниот законик од 2023 година. Судот наведе дека доказите и утврдените факти останале исти како во првата постапка, во која Груевски беше осуден на шест години затвор, но дека со нив не било докажано оти делото е сторено со новите дејствија предвидени во изменетиот закон.
Ристоска, која го започна и седум и пол години го застапуваше предметот, укажа на противречноста дека истиот доказен материјал довел до две спротивни пресуди. Таа смета дека предметот ѝ бил одземен за да се избегне конфискацијата на имотот на ВМРО-ДПМНЕ и предупреди дека во август се приближува застарувањето.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, изјави дека правдата е задоволена во делот што се однесува на ВМРО-ДПМНЕ, додека за ослободувањето на Груевски ги обвини СДСМ и ДУИ и измените на Кривичниот законик донесени во 2023.
Два дена подоцна, судот објави дека завршил и предметот „Тотал“ против новинарот и поранешен уредник на ТВ Сител, Драган Павловиќ-Латас. Како што објави Мета.мк, обвинителот целосно се откажа од обвинението во завршниот збор.
За Латас и едно од обвинетите правни лица настапила апсолутна застареност, додека за другите две компании обвинителот утврдил дека не биле исполнети законските елементи на даночно затајување. Постапката започна во октомври 2017 година и повеќепати почнуваше одново поради промена на надлежноста и префрлање на предметот меѓу обвинителства. Измените на Кривичниот законик од јануари 2026 година се чини дека имаат уддел во оваа одлука на судот, исто како и новото супервештачење.
ДКСК помалку активна во политички чувствителните предмети
Европската комисија посветува внимание и на кризата во Државната комисија за спречување на корупцијата.
ЕК потсетува дека поранешната претседателка Татјана Димитровска поднесе оставка во јули 2025 година откако беше обвинета за одавање службена тајна и за фалсификување на процесот за полагање испит потребен за добивање безбедносен сертификат. Овој случај, заедно со оставката на уште еден член поради сомнежи за судир на интереси, го доведе во прашање кредибилитетот на институцијата.
Во извештајот се наведува дека судењето против Димитровска е во тек. Но, три дена пред објавувањето на документот, Кривичниот суд ја прогласи за виновна и ѝ изрече единствена условна казна од една година затвор која нема да се изврши ако во рок од три години не стори ново кривично дело. Пресудата не е правосилна.
ЕК оценува дека ДКСК презела чекори за обновување на довербата, но продолжила главно да се занимава со подигнување на свеста, контрола на изборното финансирање и проверка на имотните листови. Комисијата е помалку активна во самостојното откривање и пријавување корупција и во постапувањето по политички чувствителни предмети, велат од ЕК.
Во 2025 година ДКСК отвори 462 предмети од областа на спречувањето на корупцијата, но само седум, односно 1,5 отсто, се поведени по сопствена иницијатива.
Ниското спроведување на Националната стратегија за спречување корупција дополнително покажува недостиг од институционална посветеност. Од 137 активности планирани за 2025 година, целосно се спроведени само 31, односно 23 отсто. Во тек се 46 активности, додека 60 или 44 отсто воопшто не се спроведени.
Комисијата како позитивен чекор ја издвојува подготовката на новата антикорупциска стратегија за периодот 2026–2030 година изработена со вклучување на граѓанските организации. Таа го насочува вниманието кон секторите во кои ризикот од корупција е најголем: правосудството, здравството, транспортот и инфраструктурата, урбанизмот, животната средина, енергетиката и природните ресурси.
Има законски подобрувања, но резултатите остануваат ограничени
Извештајот содржи и неколку позитивни оценки. Новиот Закон за Судскиот совет ги подобрил транспарентноста и образложувањето при изборот на судии и во дисциплинските постапки. Сега секој член на Советот треба усно да го образложи својот став за кандидатите, а одлуките за избор или неизбор треба да бидат индивидуализирани и засновани на споредливи критериуми.
Во 2025 година биле спроведени 57 отсто од активностите предвидени со Стратегијата за реформа на правосудниот сектор, што е зголемување од 14 процентни поени. Сепак, Советот задолжен за следење на реформата се состанал само двапати, а слабата соработка меѓу институциите и недостигот од пари и кадар продолжиле да ја забавуваат реформата.
ЕК бележи и подобрување на ефикасноста кај кривичните предмети во 2024 година, но вкупната ефикасност на правосудниот систем продолжила да се намалува поради подолгото траење на речиси сите други категории постапки.
Севкупната слика во извештајот е дека законски и институционални промени се прават, но тие сè уште не произведуваат доволно видливи резултати во независноста на судството и во борбата против високата корупција. Политичките притисоци, недостигот од пари и кадар, долготрајните постапки и пократките рокови за застарување продолжуваат да го потхрануваат чувството дека високопрофилните случаи не завршуваат со ефективна одговорност.

