Живот посветен на образованието, а душа вљубена во уметноста. Тоа е приказната на Снежана Илиева, чиј творечки пат и богат ликовен опус се заокружени во монографијата „Исповед за акварелот“, која ќе биде промовирана утре, 9 јуни, со почеток во 18:00 часот, во просториите на Порта Македонија.
Монографијата претставува сведоштво за повеќе од три децении творење во една од најсуптилните сликарски техники – акварелот, како и одбележување на 25 години од нејзината прва самостојна изложба во Струмица, одржана во 2001 година. Низ лични записи, репродукции на дела и критички осврти од еминентни историчари на уметноста, кустоси и ликовни критичари, изданието го следи патот на авторката од наставник по математика и физика до препознатливо име во македонското акварелно сликарство.
Во својата исповед, Илиева зборува за акварелот како за сопствена „ѕвезда водилка“, простор на слобода, искреност и духовна исполнетост. За своето доживување на сликарството пак, авторката Илиева во монографијата истакнува:
„Една слика носи илјада зборови што тивко извираат од срцето на авторот. Во неа постоиш, чувствуваш и твориш – и сѐ што е родено од срцето и душата нѐ допира, нѐ буди и нѐ привлекува. Токму затоа сликите не се само уметност, туку стануваат душата на просторот: основен украсен елемент на домот и тивок сведок на нашето секојдневие.“
Иако по вокација не е академски сликар, Снежана Илиева зад себе има богат творечки пат со бројни изложби и престижни признанија, меѓу кои и Првата награда за акварел од КИЦ – Скопје во 2003 година. Нејзиниот лирски опус е инспириран од природата и староградската архитектура, а нејзиниот талент беше препознаен и преку изложување рамо до рамо со доајените на македонското сликарство на јубилејната изложба за Љубомир Белогаски.

