Кир Стармер го обвини Илон Маск дека „се обидува да предизвика поделби“ околу убиството на Хенри Новак, објави Би-Би-Си.
Во Обединетото Кралство имаше насилни протести по објавувањето на снимка на која се гледа како полицијата му става лисици на 18-годишниот Новак додека умира. Неговиот убиец Викрум Дигва тврдеше дека бил жртва на расистички напад.
Снимките предизвикаа бран политички реакции во Велика Британија, а сопственикот на „X“, Маск, го критикуваше третманот на полицијата кон тинејџерот.
„Испратете го видеото до сите што ги познавате, кое покажува колку ужасно се однесувала полицијата кон Новак во неговите последни моменти. Мејнстрим медиумите, истите оние што пишуваа за Џорџ Флојд милиони пати, молчат за Новак“, напиша Маск на „Х“.
Кеми Баденок, лидерката на Конзервативната партија повика на соработа меѓу политичките партии за обнова на довербата во полицијата, откако се сретна со семејството на Новак.
Денес Стармер го обвини Маск за мешање во британската политика и нагласи дека ожалостеното семејство апелирало за смиреност.
„Треба да потврдиме кои сме како земја, бидејќи Маск, повторно, се мешаше во нашата политика во последните неколку дена, обидувајќи се да предизвика поделби – тоа не сме ние во Британија. Во Британија, ние сме разумни, толерантни луѓе. Кога имаме ужасен случај како случајот на Хенри, Хенри Новак, реагираме мирно, како што направило неговото семејство“, изјави Стармер.
Убиецот на Новак беше осуден на доживотен затвор со минимум 21 година затвор за убиство, по што таткото на Хенри Новак, Марк, апелираше за мир пред судот.
„Не сакаме неговата смрт да се искористи за создавање понатамошни поделби, омраза или тензии. Сакаме неговата приказна да ги направи нашите улици побезбедни за сите“, изјави таткото.
Стармер рече дека надзорниот орган на полицијата, Независната канцеларија за полициско однесување (IOPC), го истражува однесувањето на полицајците и дека упатствата на Националниот совет на началници на полиција (NPCC) во врска со расата се разгледуваат како резултат на случајот.

