Иднината на Северна Македонија цврсто припаѓа во Европската Унија (ЕУ), а проширувањето е наша цел, истакна претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта на заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски во Владата.
Тој кажа дека земјата бележи напредок во спроведувањето на реформската агенда и дека Владата покажала посветеност, па ги пофали континуираните напори што се вложуваат.
„Посебно би сакал да го истакнам неодамнешниот опиплив напредок во спроведувањето на реформската агенда, кон усвојувањето на патоказите за владеење на правото и реформата на јавната администрација, што е значајно за пристапниот пат на Северна Македонија, но и за искористување на Планот за раст и пристапувањето. Исто така, го поздравувам вашето целосно усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ“, рече тој.
Според Кошта, тоа е силен сигнал за стратегиската ориентација на државата и за заедничките вредности што ги споделува со Унијата, но нагласи дека усвојувањето на договорените уставни измени останува клучен услов за формален почеток на пристапните преговори.
„Тоа е единствениот начин за отклучување на целосните придобивки од членството во ЕУ за граѓаните на Северна Македонија“, додаде Кошта, кој кажа дека ЕУ е најсигурниот партнер на Западен Балкан и Северна Македонија и дека таа е најголемиот инвеститор и најважен трговски партнер.
Во врска со предлогот на Владата да се дадат гаранции за државата во форма на заклучоци на Европскиот совет за билатералните теми во процесот на проширување, Кошта рече дека треба да се испорача она што е договорено.
„Она што е договорено е договорено и треба да се испорача. И ништо повеќе од она што е договорено. Тоа значи дека она што е договорено во 2022 година треба да се испорача. Освен тоа, се работи за нормалниот процес на проширување, да се отворат и затворат различни поглавја, различни кластери. И преговорите одат чекор по чекор. Тоа е процес што се заснова на заслуги. Тоа е она што го прават и другите земји кандидати“, додаде Кошта.
Премиерот Мицкоски, пак, кажа дека Македонија останува цврсто определена кон европскиот пат, но дека не бара привилегии или олеснети правила, туку предвидлив и принципиелен процес во кој реформите и резултатите ќе бидат соодветно вреднувани.

