„Денес, одбележувајќи го делото на Светите Кирил и Методиј, не зборуваме само за двајца просветители, туку за темелот на една цивилизациска идеја, дека човекот е вистински слободен кога има право да мисли, учи и создава на свој јазик. Нивното дело не е само историски настан, туку победа на знаењето, духовноста и културата над темнината и покорувањето. Од нив започнува нашата културна и духовна преродба, продолжена преку нивните ученици и низ вековната традиција на писменоста и просветата.
Македонија низ историјата опстојувала преку словото, црквата и образованието“, рече претседателот на Владата, Христијан Мицкоски во обраќањето на свеченоста по повод одбележувањето на 24 Мај, Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј одржана во црквата „Света Софија“ во Охрид.
Тој посочи дека и покрај политичките предизвици и неправдите со кои се соочува Македонија, најважно е да останеме обединети и да не дозволиме образованието, културата и словото да станат празна форма и нагласи дека имаме обврска да ја чуваме книгата, науката и духовноста како најголема вредност.
„Народ што има јазик, култура и образование никогаш не е мал народ, а Македонија има со што да се гордее, со својот јазик, истрајност и дух што не се покорува. Иднината на државата не се мери само со бројки, туку со тоа колку образовани, достоинствени и свесни генерации создава. Затоа мора да ја зачуваме вербата во знаењето, младите и сопствениот идентитет“, рече Мицкоски.
Тој коментираше и за работата на правосудниот систем и нагласи и дека, како што рече, го разбира незадоволството и негодувањето кај луѓето кои сè повеќе губат трпение од испораката на правдата.
„Морам да кажам дека и јас не сум до крај задоволен и сметам дека може многу, многу подобро и со многу побрзи резултати. Немојте да мисли кој било од вас дека не ги слушам оние крици на луѓето кои ѝ се смеат на правдата, кои мислат за себе дека се непобедливи и дека ја измамиле правдата. Денес тие се најгласните критичари на Владата и пресоблечени измамници кои се најзагрижени за тоа дека немало правда,“ рече Мицкоски и повика на народно и интелектуално обединување на државата.

