,,Трпи си, пријави си, умри си”, ,,Пресуда: Виновни сте за соучество во злосторство”, ,,Насилникот дома, а жртвата да бара засолниште?”, ,,Safe city, Unsafe Women”, ,,Камерите гледаат, институциите мижат”.
Ова се само дел од транспарентите со кои стотици граѓани дадоа поддршка на денешниот марш по повод 8 Март, кој се одржа под слоганот ,,Нема да нѐ снема”.
Маршот беше најброен од сите досегашни, а започна со минута молк за Ивана и Катја, мајката и ќерката кои неодамна починаа како резултат на долгогодишно насилство од сопругот-силеџија, Стојанче Јовановски.

Присутните бараа правда за Ивана, за Катја, за Росица, за Рамајана.
,,Фемицидот не започнува со последниот удар, тој започнува многу порано. Семејното насилство мора да е приоритет за секоја институција. Што гледаме ние секој ден? Сторители кои со насмевка кажуваат ,Сама си го бара’. Како не ви е срам да порачате да пријавуваме насилство и да не ги повлекуваме пријавите?”, исакнаа говорничките на маршот, по што присутните го исвиркаа премиерот Христијан Мицкоски и министерот Панче Тошковски.
Граѓаните маршираа од паркот ,,Жена Борец”, низ Рекорд и пред Владата, а завршија пред постаментот на македонската партизанка Вера Јоциќ, бидејќи бистата беше украдена лани во декември, а нова биста надлежните не поставија. Положија цвеќиња за да се заблагодарат за сите паднати борки што си го посветиле животот на женската слобода.


