
Американскиот претседател Доналд Трамп се закани со нови царини за стоки од земјите кои се противат на неговите напори да ја преземе контролата врз Гренланд, објави Би-би-си.
„Можеби ќе воведам царини за земји што се противат на преземањето на Гренланд, бидејќи ни е потребен за националната безбедност“, изјави Трамп на состанок во Белата куќа, без да прецизира кои држави би биле погодени и врз која законска основа би се вовеле мерките.
11 американски конгресмени од двете партии престојуваа во Гренланд, со цел да изразат поддршка за територијата и да ги сослушаат ставовите на локалните власти. Делегацијата се сретна со пратеници, како и со данската премиерка Мете Фредериксен и премиерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен. Лидерот на групата, демократскиот сенатор Крис Кунс, изјави дека целта на посетата е „да се намали тензијата“ и ставовите да се пренесат во Вашингтон.
Трамп повтори дека САД ќе го добијат Гренланд „на лесен или тежок начин“, алудирајќи на купување или употреба на сила. Данска претходно предупреди дека евентуална воена акција би значела крај на НАТО, додека европските сојузници јавно застанаа зад Копенхаген.
Неколку европски држави, меѓу кои Франција, Германија, Обединетото Кралство и нордиските земји, веќе распоредија ограничен број војници во Гренланд.

