
Трговијата на Кина достигна „нов историски максимум“ во 2025 година, а Пекинг планира „повеќе да се отвори“ во 2026 година, додека царините воведени од претседателот на САД, Доналд Трамп, ги принудија производителите да ги насочат своите производи кон алтернативни пазари, пренесува Дојче Веле.
Кина забележа силен раст на извозот во 2025 година со рекорден трговски суфицит од 1,2 трилиони долари, откако производителите се пренасочија кон алтернативни пазари, надвор од САД поради царините на Трамп.
Податоците од царината покажуваат дека глобалниот суфицит на Пекинг пораснал за 20 отсто во однос на претходната година, кога изнесувал 992 милијарди долари. Извозот во 2025 година достигнал 3,7 трилиони долари, а увозот 2,58 трилиони долари, соопшти владата во средата.
Рекордниот суфицит бил поттикнат и од раст од 6,6 отсто на извозот во декември во споредба со декември 2024 година, што е подобар резултат од очекувањата на економистите. Пекинг ја турка трговијата како главен двигател на економскиот раст поради долготрајната криза во секторот за недвижности и слабата домашна побарувачка.
Рекордниот суфицит веројатно ќе ги вознемири странските пазари, кои и онака се загрижени за трговските практики на Кина и нивната зависност од кинеските производи.
Трговијата во 2025 година за првпат надмина 45 трилиони јуани, односно 6,4 трилиони долари, изјави заменик-министерот за царина Ванг Џун на прес-конференција во Пекинг, додавајќи дека тоа е „нов историски максимум“.
Тој рече дека некои земји ги политизирале трговските прашања и го ограничиле извозот на висока технологија во Кина, и дека доколку тоа не било случај, Кина би увезла повеќе. Притоа не ги спомена директно царините на Трамп.
„Сепак, со поразновидни трговски партнери, способноста на Кина да се справи со ризици значително се зајакнала“, рече министерот, додавајќи дека кинескиот пазар ќе се „отвори повеќе“ во 2026 година“.
„Очекуваме извозот и во 2026 година да остане голем двигател на растот“, изјави Жаклин Ронг, главен економист за Кина во француската банка BNP Paribas.
Во меѓувреме, Гери Нг, висок економист во француската инвестициска банка Natixis, очекува извозот на Кина да порасне за околу 3 отсто во 2026 година, што е нешто помалку од растот од околу 5 отсто во 2025 година. Тој очекува трговскиот суфицит да остане над 1 трилион долари и оваа година.
Извор: Дојче Веле

