
Градежен кран паднал врз патнички воз североисточно од главниот град на Тајланд, Бангкок, поради што возот излетал од шините, а имало и повеќе загинати и повредени лица, пренесува Дојче Веле.
Патничкиот воз се движел од Бангкок кон североисточниот дел на Тајланд. Несреќата се случила во областа Сихио, на околу 230 километри североисточно од Бангкок, додека возот патувал од Бангкок кон североистокот на земјата. Најмалку 22 лица загинале, а 80 се повредени, соопштила локалната полиција, додавајќи дека сè уште има тела кои не се извлечени од остатоците од несреќата.
Министерот за транспорт Фипхат Рачакитпракарн изјавил дека во возот имало 195 патници. Тој наредил да се спроведе истрага за инцидентот. Кранот се користел за изградба на мрежа за брза железница кога се урнал околу 9 часот наутро по локално време.
„Кран се урна врз воз, поради што возот излета од шините и се запали“, соопшти Одделот за односи со јавноста.
Одделот соопшти дека пожарот бил изгаснат. Снимки во живо емитувани од локалните медиуми покажаа спасувачи кои брзаат на местото на несреќата, додека шарен воз лежи превртен на страна, а од остатоците се крева чад.
Еден жител изјавил дека слушнал силен звук, по што следеле две експлозии, поради што истрчал од својот дом.
„Кога отидов да видам што се случило, го видов кранот врз патнички воз со три вагони. Металниот дел од кранот го погодил средниот дел од вториот вагон и го пресекол на половина“, изјавил жителот.
Началникот на локалната полиција, Тачапон Чинавонг, подоцна за француската новинска агенција АФП изјавил дека спасувачките операции се привремено запрени поради „хемиско истекување“ на местото на несреќата.
Извор: Дојче Веле

