Вербалниот судир меѓу тренерот на Атлетико Мадрид, Диего Симеоне, и ѕвездата на Реал Мадрид, Винисиус Жуниор, на полуфиналето од шпанскиот Суперкуп во Саудиска Арабија и понатаму е главна тема во шпанските медиуми. „Кралскиот клуб“ победи со 2:1 и избори неделно финале против Барселона.
Од Атлетико тврдат дека за проблематичната ситуација е виновен Бразилецот, кој го провоцирал Симеоне и клупата на противничката екипа откако побарал пенал.
Симеоне тогаш му порачал на бразилското крило да продолжи со играта, а му рекол и дека претседателот на Реал, Перез, ќе го избрка.
Потоа, според шпанските медиуми, конфликтот продолжил и во второто полувреме, кога во 81. минута Вини Жуниор излегувал од игра. Симеоне му рекол дека навивачите од трибините му свиркаат, на што Бразилецот бурно реагирал.

