
Градот Скопје ќе исплати субвенции за инвертер клима уреди купени во 2025 година. На сите граѓани кои аплицирале на јавниот повик кој беше распишан во јуни годинава, Градот Скопје ќе им ги надомести трошоците за набавка на уредот во износ до 20.000 денари по домаќинство, а данокот на личен доход целосно ќе го покрие Градот.
„Со оваа мерка ги поддржуваме домаќинствата што инвестирале во набавка на високо ефикасни инвертер клима уреди во 2025 година, кои ќе носат пониски трошоци, повисока енергетска ефикасност и значително подобри услови за живеење. Со инвестирање во клима уреди, правиме чекор напред кон почиста и поздрава животна средина. Со намалена потрошувачка на енергија и пониско ниво на емисии, тие директно придонесуваат кон заштита на воздухот и создавање поеколошко и одржливо Скопје“, рече градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Тој најави дека во периодот што следи, ќе бидат објавени нови јавни повици за субвенции.

