
Во првите 12 часа од пробното функционирање на системот „Безбеден град“ биле регистрирани 65.000 прекршоци од кои за поминување на црвено светло 2.800 и за нерегистрирано возило 1000, информира денеска на својот профил на Фејсбук министерот Панче Тошковски, кој се појави во јавност после неколкунеделното отсуство поради болест. Пробниот период за регистрирање прекршоци започна денеска, а според најавите, казнувањето на возачите ќе започне од 1 јануари.
„Оваа алармантна бројка уште еднаш ја потврдува неопходноста и оправданоста на системот, од кој очекуваме значително подобрување на сообраќајната култура, зголемена безбедност за сите учесници во сообраќајот и намалување на штетите и жртвите на патиштата. Сторителите на сообраќајни прекршоци ќе добиваат електронско известување за сторениот прекршок, документиран со современи технички средства и уреди за снимање“, напиша Тошковски.
Според најавите, во почетниот период ќе се евидентираат сообраќајните прекршоци – управување на возило со брзина поголема дозволената, минување на црвено светло, изминат рок на важност на сообраќајна дозвола и непрописно паркирани возила. Потоа ќе се прошири видот на сообраќајните прекршоци што ќе ги регистрира електронскиот систем.
Со последните измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, прекршоците документирани со технички средства – камери, сензори и уреди за снимање, се сметаат за валиден доказ.
Кога системот ќе биде во целосно пуштен во употреба сопствениците на возилата за кои е утврден прекршок ќе добиваат СМС порака и е-пошта со линк за преземање записник со платен налог. Прекршоците ќе можат да се платат електронски, а при навремено плаќање нема да се наплаќаат дополнителни трошоци. За одредени прекршоци за кои е пропишана и мерка забрана за управување со возило, МВР ќе поднесува барање за поведување постапка до надлежен суд.

