„Пред вториот круг од локалните избори, албанската политичка сцена во Северна Македонија доживува силен шок. Две познати личности од поранешната УЧК Хазби Лика и Гзим Острени, беа видени јавно на пријателски средби со лидерите на опозициската коалиција Вреди, сигнализирајќи јасно оддалечување од ДУИ и Националната алијанса за интеграција“, објави информативниот портал „Актуале“ во својата статија со наслов „УЧК ги напушти ДУИ-НАИ, Хазби Лика и Гзим Острени видени покрај Вреди!“
Порталот пишува дека Острени, добро познатиот поранешен генерал и една од најпочитуваните личности од периодот по војната, имал срдечен разговор со Изет Меџити, додека, од друга страна, Хазби Лика, една од личностите со голема тежина во структурите на поранешната УЧК и во политичките случувања по конфликтот во 2001 година, бил виден како го поддржува Билал Касами во Тетово.

„Фотографиите, кои брзо кружат по социјалните мрежи, веќе предизвикаа многу реакции во јавното мислење толкувајќи ги како историски момент за албанскиот опозициски табор. Овие сигнали доаѓаат во време кога ДУИ се соочува со длабоко незадоволство на локално ниво и со значителни загуби во првиот круг од локалните избори. Изворите од теренот нагласуваат дека ова поставување на Лика и Острени не е случајно. Тоа се смета како јасен знак дека поранешните структури на УЧК ѝ се приклучуваат на новата визија на албанското политичко претставување, раководено од коалицијата Вреди.
Овој изненадувачки потег го зајакнува верувањето дека во вториот круг од изборите, на 2 ноември, бранот на промени ќе го предводат не само разочарани граѓани, туку и угледни личности од војната и националниот отпор. Со оваа поддршка Вреди влегува во завршната фаза од трката со нова енергија, станувајќи широка обединувачка сила меѓу граѓаните и идеалите за еднаквост, достоинство и вистински развој“, објави „Актуале“.
The post Хазби Лика и Гзим Острени подалеку од ДУИ, поблиску до Вреди appeared first on МКД.МК.

