Компаниите за брзи кредити ќе треба да вратат 140 милиони денари или околу 2,2 милиони евра кои незаконски ги наплатиле од граѓаните, информираа денеска портпаролката на Владата Марија Митева, директорот на Државниот пазарен инспекторат, Влатко Стојкоски и министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.
Пазарниот инспекторат, во проверката на лиценцираните финансиски друштва направена во изминатиот период изрекол решенија на друштвата со рокови од 30, 60 и 90 дена во кои ќе треба да ги вратат средствата кои незаконски ги наплатиле од граѓаните по основ на опомени и паушални надоместоци поради доцнење со отплата на кредитите.
„Знаевме дека отвораме едно од најгорливите прашања за многу семејства. Знаевме што значи кога до крајот на месецот треба да се платат сметките, да се обезбеди сè што му е потребно на семејството и да се најдат средства за ратата. А кога со секоја опомена доаѓа нов трошок, притисокот врз тие семејства станува уште поголем. За првпат Државниот пазарен инспекторат спроведува надзор од ваков обем. Во овој сектор, ги опфати сите 27 лиценцирани финансиски друштва. Со донесените решенија, овие друштва се задолжени да вратат над 140 милиони денари на повеќе од 26.000 граѓани низ целата држава“, рече Митева.
Според директорот Влатко Стојкоски од Државниот пазарен инспекторат, од 27 финансиски друштва, кај 18 биле утврдени нечесни трговски практики и незаконски одредби во договорите за потрошувачки кредити, додека кај 12 било констатирано незаконско наплатување известувања и опомени за доцнење со плаќањето, во периодот од 2023 до 2026 година.
„Казните се движат од 2.000 до 10.000 евра за една мерка по финансиско друштвово зависност од видот и бројот на прекршените одредби“, рече Стојкоски.

