Иницијативата „Ниту една повеќе“ вчера организираше протестен марш од паркот Жена Борец до Министерството за внатрешни работи како реакција на се почестите случаи на семејно насилство и фемициди во земјата. Пред министерството граѓаните истурија земја формирајќи импровизиран гроб како потсетување на 59 убиства на жени како резултат на семејно насилство кои се случија во Македонија во изминатите десет години.
Протестниот марш започна спроти македонскиот Парламент, а граѓаните уште еднаш побараа институционална одговорност, ефикасна заштита од насилството и почитување на правата на жените. Тие апелираа за итно донесување на измените на законот за заштита од насилство и строго санкционирање на фемицидот, а на пратениците им дадоа рок до 10 декември, Денот на човековите права, работната група да ја заврши подготовката на осумте законски решенија, меѓу кои се и законите за полицијата, семејството, социјалната заштита и судството.
Од почетокот на годинава во земјата се случија седум фемициди, а последното убиство на 17-годишната Билјана Ќириќ, која неколкупати го пријавила насилството од партнерот, го поттикна гневот кај јавноста. Во март животот го загубија Ивана и нејзината ќерка Катја, по долгогодишно насилство од партнерот, а внатрешната контрола на МВР утврди пропусти во постапувањето на дури 39 полициски службеници.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на настан во рамки на кампањата „16 дена активизам“ изјави дека фемициди имало и во времето на неговите претходници, но од нив не се барале оставки и посочи дека полицијата не е единствениот виновник за оваа реалност. Тошковски рече дека денеска не се помнат имињата на жените што настрадале во 2022 или 2018 година, иако и тогаш имало по седум случаи годишно.
„Претпоставувам дека и по четврт пат ќе има барање за интерпелација за период од две години за министерот на внатрешни работи, но не се сеќавам дека некој од оние коишто сега од петни жили се обидуваат да ја префрлат вината на министерот за внатрешни работи од ВМРО-ДПМНЕ, во 2022 кога исто сме имале седум фемицид, истите тие коишто денес се најгласни да побарале оставка од тогашниот министер“, рече Тошковски.
Посочи дека годинава е сменет Кривичниот законик со кој се предвидува телесната повреда да биде кривично дело коешто по службена должност постапува Министерството за внатрешни работи.







