„Проширувањето на Европската Унија е реална можност и таа треба да се искористи. Одржете го темпото и спроведете ги реформите што ќе ве доведат до членството“, изјави претседателот на Европскиот Совет, Антонио Коста на прес-конференцијата по самитот ЕУ – Западен Балкан.
Тој посочи дека ова е вториот самит оваа година, што го одразува интензитетот на политичкиот ангажман со регионот, а предизвикувачката геополитичка ситуација само ја нагласува потребата од уште потесни врски меѓу Европската Унија и Западен Балкан.
„Направивме пресек на постигнатото по нашиот успешен самит во Тиват и разговаравме за тоа како постепената интеграција во Европската Унија да се подигне на повисоко ниво. Граѓаните низ целиот регион веќе ги чувствуваат придобивките од овој пристап, а ние разгледуваме начини како да напредуваме уште повеќе“, рече Коста.
Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, нагласи дека приемот на нови држави е во интерес на ЕУ.
„Светот околу нас брзо се менува. Колку Европа е посилна и пообединета, толку подобро можеме да се справиме со предизвиците,“ рече Фон дер Лајен.
Напредокот постигнат од Црна Гора и Албанија докажува дека пристапувањето кон Европската Унија не е илузија, туку реална можност за оние што се ангажираат.
„Оваа година започнавме со изготвување на Договорот за пристапување на Црна Гора чекор што не сме го презеле повеќе од 10 години. Албанија, исто така, започна со затворање на преговарачките поглавја. Сите други партнери од Западен Балкан можат, доколку сакаат, да остварат напредок на сопствените патишта кон пристапување“, нагласи Коста и додаде дека патот кон ЕУ не се сведува само на спроведување на неопходните реформи, туку дека регионалната соработка, помирувањето и добрососедските односи се клучни предуслови за пристапување кон Европската Унија како и дека очекува понатамошен напредок во решавањето на билатералните прашања.
Коста посочи дека предизвиците што потекнуваат од минатото мора да се надминат какои дека е време е да се гледа напред, а не наназад.
„Само така нашите партнери од Западен Балкан можат да постигнат вистински напредок и да ги преземат своите одговорности како идни членки на стабилна, просперитетна и обединета Европа. Самата Европска Унија е доказ за исправноста на овој пристап таа е изградена врз помирување и мир, а проширувањето одигра суштинска улога во унапредувањето на тие цели. Нашите партнери од Западен Балкан можат да сметаат на Европската Унија. Ние сме вашиот најсигурен партнер и такви ќе останеме“, посочи Коста.

