Денес во Скопје се организираше масовен протестен марш против фемицидот, институционалното непостапување и неказнивоста. Со голем транспарент „Нема да не снема“, и со пораките „Ниту една повеќе!“, „Жена, живот, слобода!“ и „Не бараме сочувство, бараме одговорност“, граѓаните побараа конкретни промени и ефикасна заштита за жените и девојките кои се соочуваат со насилство.
Пред за започне маршот, Елена Петрова, една од учесниците изјави дека институциите повторно потфрлиле во спречувањето на опасноста и дозволиле да се случи убиството на Билјана и потенцираше дека секое убиство на жена не е само насилство, туку е одраз на подлабок системски неуспех.
„Насилникот има историја на насилство. Кога девојче бара заштита и потоа е убиено, тоа е прашање на конкретна одговорност. Ова е фемицид. Секое убиство на жена не е само чин на насилство, туку одраз на многу подлабок неуспех на нашиот систем. Уште колку семејства треба да завиеме во црно додека слушаме изрази на сочуство, осуди и ветувања, а истото продолжува да се повторува. Ова е машко и системско насилство“ изјави Петрова.
Таа додаде дека Македонија е држава што наместо да го спречи, го поддржува насилството, навраќајќи се и на најголемата трагедија во Кочани каде пред година и пол во пожар во дискотека животот го загубија 63 луѓе.
„Ова е држава што не успева да го спречи, туку напротив, го поттикнува. Оваа е држава која убива, силува и ги гори своите граѓани. Дали во клуб или во кола, оваа е нашата реалност и иднина. Пред неполни две години во Кочани, над 60 млади луѓе изгореа во пожар. Денеска зборуваме за девојче чие тело е пронајдено во запален автомобил. Не ги изедначуваме овие случаи, но во двата мора да прашаме што правеле институциите што имале обврска да спречат опаснос“, изјави таа.
Организаторите на протестот бараат одговорност и санкции за сите пропусти, потоа итно поднесување и усвојување на законските измени за заштита од насилство, враќање на родот и родовата еднаквост во законите и образованието. Како последно барање тие побараа разрешување на јавните функционери кои повикуваат на контрола и го оправдуваат насилството врз жените.
„За сите пропусти бараме имиња, одговорност и санкции. Второ, итно поднесување и и усвојување на законските измени за заштита од насилство. Трето, вратете ги родот и родовата еднаквост во законите, програмите и образованието од каде ги избришавте. Не може да водиме борба против родово базирано насилство додека политички ја поткопуваме самата основа за негово препознавање. Четврто, разрешете ги од јавни функции оние кои што повикуваат на контрола врз жените, го оправдуваат насилството или го нормализираат нивното потчинување. Ова не се нови барања, истите барања ги повторуваме со години“, изјави Петрова.
Организаторите нагласија дека протестот е граѓански и не треба да биде искористен за партиска промоција. Во нивниот повик посочија дека политичките партии имаат свои канали и институционални механизми преку кои треба да придонесат за исполнување на барањата.
„Не бараме сочувство. Бараме одговорност“, е пораката со која иницијативата го сумира својот повик.
Барањата на „Ниту една повеќе!“ се насочени кон институционални промени, одговорност и поефикасна заштита за жените и девојките кои пријавуваат насилство. Основното прашање што го поставува протестот е дали пријавите, заканите и изречените мерки ќе бидат сфатени како предупредување на кое мора да се реагира навреме, или институциите повторно ќе ја утврдуваат својата одговорност дури откако ќе биде загубен уште еден живот
Први повикот за протестниот марш, иницијативата „Ниту една повеќе!“ најави и четири конкретни барања коишто треба да се направат.
Првото конкретно барање на иницијативата е целосна и транспарентна истрага за смртта на Билјана Кириќ, со утврдување одговорност за секој евентуален институционален пропуст. Организаторите бараат јавноста да добие одговори за тоа кој постапувал, кој не постапувал и зошто заштитата не го спречила трагичниот исход.
Второто барање се однесува на законските измени за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, кои, според организаторите, биле поднесени во Собранието во август. Иницијативата бара нивно итно усвојување и предупредува дека законските решенија не смеат да останат заглавени во собраниските процедури додека жените продолжуваат да се соочуваат со насилство.
Третото барање е враќање на поимот „род“ во законите, упатствата и програмите од кои, според организаторите, бил отстранет. Тие сметаат дека отстранувањето на терминологијата поврзана со родот не го отстранува и самиот проблем со родово базираното насилство, туку може да ја поткопа борбата за еднаквост и заштита.
Четвртото барање е разрешување од јавни функции и раководни позиции на лицата кои повикуваат на контрола врз жените, го оправдуваат или го нормализираат насилството врз нив. Со ова, иницијативата ја поврзува одговорноста за заштитата на жените и со јавните пораки и постапките на носителите на функции.




