Министерството за дигитална трансформација вели дека веб-страниците на Владата и министерствата биле навремено заштитени со преземање превентивни и технички мерки, по објавувањето на информациите за критичните безбедносни ранливости во програмскиот јазик ПХП, кои предизвикаа привремено исклучување на бројни владини веб-страници низ Европа и светот.
Во рамките на превентивните активности, привремено е блокиран надворешниот веб-сообраќај кон засегнатите системи, со цел да се спречи евентуално искористување на ранливостите, а беа спроведени и проверки на софтверските верзии, применети соодветни безбедносни закрпи и ажурирања и проверени функционалноста и безбедноста на веб-сервисите.
Преземените мерки се насочени кон намалување на ризикот од неовластен пристап, извршување злонамерен код и потенцијално компромитирање на веб-серверите, а според досегашните проверки, не се утврдени индикации за успешно искористување на наведените ранливости или за компромитирање на веб-страниците на Владата и министерствата.
„Министерството за дигитална трансформација, преку Секторот за сајбер-безбедност и владиниот тим за одговор на компјутерски безбедносни инциденти продолжува со засилено и континуирано следење на сајбер-заканите, анализа на безбедносните настани и лог-записите, како и проверка на потенцијалните индикатори за компромитирање“, велат од Министерството.

