Четири пожари на отворен простор се активни, два се ставени под контрола, а 27 се изгаснати во изминатото деноноќие, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Во последните 24 часа биле регистрирани вкупно 33 пожари.
Активни се пожарите во Општина Чашка, во селото Јаболчиште, на местото „Биков Гроб“, каде гори букова и дабова шума, кривуљ и ниска вегетација.
Пожар има и во Општина Липково, во близина на селото Стрима, на местото „Гури Куќ“, каде гори борова шума и ниска вегетација.
Активен пожар е регистриран и во Општина Прилеп, кај селото Дрен, каде гори мешана шума, како и во Општина Дебар, кај селото Горно Косоврасти, на местата „Крушно и Вложно“, каде е зафатена шума.
Под контрола се пожарите меѓу селата Драчевица и Цветово во Општина Студеничани, на местото „Калдиред“, каде гори ниска вегетација, и пожарот на депонијата „Краста“ во Општина Куманово.

