Владата на Македонија на 12 мaj го усвои предлог-законот за преместување на казината на растојание од 500 метри од образовните институции. Според процедурата законот треба да се изгласа во Собранието во наредниот период. Меѓутоа, она што е очигледно е дека коалицијата ВЛЕН, која е на власт, поинаку ветуваше, но и поинаку постапи. Пред да се спои во партија, оваа коалиција го изгради својот изборен идентитет околу едно радикално ветување, затворањето на сите казина и отстранување на игрите на среќа од секојдневниот живот на граѓаните. Ова ветување не беше само една точка на изборната програма, туку една морална заклетва што имаше за цел да резонира со албанските семејства кои коцкањето го сметаа за главна причина за економската и социјалната пропаст. Со новиот закон се отвара јаз помеѓу очекувањата на гласачите за итно целосно затворање и планот на Владата за постепено намалување и регулирање, пишува Порталб.мк.
Прашањето за казината со години е дел од јавната дебата меѓу политичките партии во Македонија, а во минатото имаше и неколку неуспешни обиди за регулирање на индустријата за игри на среќа. Албанските партии честопати се обвинуваа меѓусебно за фаворизирање на индустријата за игри на среќа на сметка на младите и граѓаните во земјата.
Порталб.мк ви нуди една хронологија на реакциите и ветувањата на ВЛЕН и како ветувањето за целосно затворање на физичките казина се трансформираше во нивно ограничување на само 500 метри од училиштата и лиценцирање само на некои онлајн казина.
- 2024
Јануари – Европската унија за промени (која подоцна ја основа ВЛЕН) ја обвини владата дека преку онлајн игрите на среќа ги носи казината во секој дом.
Февруари – на 7 февруари 2024 година Собранието на Република Македонија ги усвои измените на Законот за игри на среќа, кои беа подржани од поранешните партии на власт, ДУИ и СДСМ. Но, поранешниот претседател, Стево Пендаровски, тогаш одби да го потпише указот за прогласување на законот. Според Предложените измени на Законот за игрите на среќа и забавните игри просториите во кои што се организираат игри на среќа мора да бидат дистанцирани најмалку 500 метри од училиштата.
ВЛЕН сe спротивстави на овој предлог-закон, со образложение дека тој нема да го реши проблемот со игрите на среќа и нема целосно да ги затвори казината, а и поради тоа што нема да се тргнат целосно и обложувалниците.
„Со овој закон, Артан Груби ќе ги затвори обложувалниците, но не и казината. ВЛЕН бара итно отстранување не само на обложувалниците, туку и на казината“, велеше Изет Меџити од ВЛЕН.
Февруари – На 22 февруари од Скопската чаршија ВЛЕН ја обвини тогашната влада за растот на индустријата за игри на среќа и ги претстави своите ветувања против игрите на среќа.
Март – Коалицијата официјално изјави: „Ние како опозиција сме ВЛЕН, и ВЛЕН е против коцкањето“, ветувајќи целосно затворање на игрите на среќа, обложувалниците и казината.
За време на предизборната кампања во 2024 година , но и после тоа, лидерите на ВЛЕН, вклучително и Изет Меџити и Биљал Касами, користеа една остра реторика против тогашното владеење на Демократската унија за интеграција (ДУИ), обвинувајќи ги дека „го негуваат“ коцкањето. Оваа реторика беше засилена преку бројни видеа на социјалните платформи и телевизиски интервјуа, во кои што се нагласуваше дека секое отворање на казино е удар за младите и перспективата на земјата.
Април – На еден од митинзите одржан во април 2024 година кандидатот за претседател на ВЛЕН, Арбен Таравари, ја претстави својата програмска заложба за целосно затворање на казината и отстранување на игрите на среќа од населените места.

Мај – „Драг гласачу, кланот на казината и коцкарниците е во паника. Тие знаат дека со заминувањето на ДУИ во опозиција, казината и обложувалниците ќе бидат затворени, а граѓаните ќе бидат спасени од епидемијата на коцкање и политичка корупција“, напиша Изет Меџити во својата порака до гласачите.
Јуни – ВЛЕН ја претстави својата програма “План 2030“. На страна 16 од програмата прашањето за коцкањето и казината конкретно е обработено во поглавјето за социјална помош и заштита на семејството. ВЛЕН ветува дека веднаш ќе ги затвори сите платформи за онлајн коцкање. Планот истакнува дека овие платформи го внеле коцкањето во секој дом и мобилен уред, нанесувајќи им штета на младите. Со Програмата се предвидува објектите за игри на среќа (казина и обложувалници) да се отстранат од градовите и да се преместат на изолирани места или специфични области надвор од урбаните средини, со цел да бидат недостапни во близина на училиштата и населбите. Во текстот се спомнува разгледување на сите досега издадени лиценци за казина, тврдејќи дека многу од нив биле доделени нелегално или преку корупција од претходната влада.
По доаѓањето на власт:
По доаѓањето на власт во 2024 година Коалицијата ВЛЕН започна со план за исполнување на своето предизборно ветување за борба против коцкањето, преземајќи почетни чекори како што се барањето за автентично толкување на законот и одземање на концесиите за неколку онлајн платформи како што се „Moцарт“, „Битс 77“, „Везув“ и „2win.mk“. Државната онлајн платформа „Meгавин” не беше опфатена со овие мерки, и и покрај јавните ветувања на вицепремиерот Изет Меџити за нејзино брзо затворање, платформата продолжи да работи без никакви препреки и да оствари моќни рекламни кампањи дури и во текот на 2026 година.
Јули 2024– Законот за игри на среќа, сега предложен од коалицијата Европски фронт, а претходно како измени на законот од владата на СДСМ-ДУИ, повторно е вратен во Собранието. Но, беше симнат од дневен ред по усвојувањето на предлогот за автентично толкување на Законот за игрите на среќа и забавните игри.
Август 2024 година– На 26 август 2024 година, при едно медиумско појавување, Изет Меџити рече дека едно од нивните предизборни ветувања беше тоа дека ќе ги преземат сите потребни чекори за справување со еден од најнегативните општествени феномени, коцкањето. „Првиот чекор од овој план е отстранување на игрите на среќа од домовите“, рече тој.
Септември 2024 година– Владата донесе одлука за забрана на онлајн коцкањето за неколку компании во Македонија, но не и за Мегавин, која го презеде монополот на онлајн игрите на среќа и работи легално низ целата земја. Затворањето на казината, според првиот вицепремиер Изет Меџити, се смета за едно од големите достигнувања на коалицијата ВЛЕН, што беше главно ветување на оваа коалиција за време на изборната кампања. „Немаме намера да застанеме сè додека сите казина и обложувалници не бидат отстранети од нашите домови, од нашите семејства, од нашите деца“, рече тој.
Но, ова беше само почеток на едно процедурално одолговлекување за усвојување на законот за борба против игрите на среќа.
- 2025
Во јануари 2025 година пратениците во Собранието на РСМ дадоа едногласна подршка во првото читање на предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за електронски комуникации, со кој се пристапува со регулирање на онлајн игрите на среќа и санкционирањето на злоупотребите. Со оваа одлука, досега се забранети 358 странкски онлајн илегални платформи, велат од Владата.
Во јуни, за време на отворањето на Централниот штаб во Скопјe, Изет Меџити изјави дека ги затвораат казината, без да прецизира дека станува збор за забрана на онлајн казината. На ова негова изјава реагираше Алијансата за Албанците, нагласувајќи дека неговата изјава за затворање на казината во близина на училиштата е манипулација.
- 2026
Анализата на изјавите на претставниците на ВЛЕН покажува дека има еволуција на ветувањето, од апсолутен изборен слоган „затворање на сè“ до еден регулаторен и редуктивен процес на „отстранување од домовите“ и „намалување за 50%. Повеќето од овие мерки веќе беа дел од законските измени што беа предложени на 7 февруари 2024 година. Ова е значајно нијансирање на првичното ветување, и додека во кампањата се зборуваше за „затворање на сè“, на власт се зборува за драстичен процес на намалување преку зголемување на критериумите за растојание и давачките за лиценцирање.
Освен тоа, предлог законот на ВЛЕН кој беше усвоен на 12 мај во Владата е сличен на мерките од 2024 година во чија основа беа ограничувањата за рекламирање и растојание кои ВЛЕН не ги исгласа под изговор дека обложувалниците нема да бидат отстранети. Но, и во овој закон на ВЛЕН, за разлика од казината и клубовите со автомати, обложувалниците нема да мора да се дислоцираат и ќе останат на нивните постојни локации.
„Овој закон предвидува дека сите објекти во кои што се организираат игри на среќа, во казината, автомат – клубовите и електронските игри на среќа, мора да бидат лоцирани најмалку 500 метри од основните и средните училишта. Во обложувалниците лоцирани во радиус од 500 метри од училиштата, поставувањето на електронски видео лотариски терминали и други уреди за електронски игри на среќа нема да биде дозволено“, изјави Азизи. Таа рече дека законот носи ограничувања за рекламирање на коцкањето, забранувајќи промоција што ги претставува нив како пат кон финансиски успех или што ги таргетира малолетниците, како и користење на јавни личности во реклами.
Иако законот беше усвоен од Владата во јануари 2025 година без да се обезбеди и негова верзија на албански јазик и неколку пати беше ветено дека ќе се стави на дневен ред, тој заглави во фиоките на Собранието цела 2025 година. Во април 2026 година тој дури беше повлечен од Собранието, со образложение дека ќе има интервенирања и технички дополнувања на законот. Образложенито на лидерите на ВЛЕН беше дека се работи за решение кое ќе биде издржливо.
Предлог – законот не го решава проблемот

Менувањето на ветувањата, незатворањето на „Мегавин“ и новиот предлог -закон предизвикаа жесток политички судир, при што опозицијата предводена од ДУИ започна контранапад, обвинувајќи го ВЛЕН за предавство и иронично етикетирајќи го Меџити како „Изет Мегавин Меџити“. ДУИ тврди дека казината го прошируваат својот бизнис во Чаир и дека новите назначувања во одборите на Државната лотарија имаат за цел да ги контролираат парите од коцкањето, а не елиминирање на коцкањето.
Опозицијата, исто така, обвинува дека овој предлог – закон не предвидува суштинско решение за проблемот, туку само површно го прикрива. Според нив, казината имале отворени врати насекаде и се отвараат насекаде без да мора да изберат локација.
Пратеникот од Алијансата за Албанците (АА), Елми Азири, за Порталб.мк, изјави дека тие како политичка партија двапати до Собранието поднеле предлог-закон за игрите на среќа, со кој се предвидува целосно отстранување на игрите на среќа од населбите и нивно дислоцирање во хотели со пет ѕвезди.
„Ова е моделот за кој веруваме дека е најдобар за отстранување на игрите на среќа од нашите домови и од нашите деца. Но, за жал, и во двата пати што ги предложивме, нашиот предлог не беше прифатен, и во текот на претходниот законодавен состав и во текот на овој законодавен состав. Мислам дека примерот на Косово и Албанија е меѓу најдобрите примери за решавање на проблемот со казината“, рече Азири.
„Овој предлог-закон, таков каков што е во моментов, не го решава проблемот со казината, туку само површно ќе го покрие проблемот“, истакна Азири на крајот.
Тој додаде дека откако Косово и Албанија целосно ги искоренија казината, нашата земја се претвори во „депонија“ од казина, кои што се отворија на секој агол и ги трујат нашите млади луѓе.
Џемал Абдиу, од Движењето против коцкање, за Порталб.мк изјави дека внимателно ги следат случувањата во врска со законот за казината. Тој рече дека Движењето против коцкање и понатаму е на ставот дека казината треба да бидат оддалечени три километри од населените места.
„Досега ова прашање беше дел од политичките дебати, а партиите дадоа големи ветувања и ласкави зборови за затворање на казината. Движењето против коцкањето ја следи ситуацијата со посветеност и во наредните денови, по анализата на предлог-законот ќе излеземе с0о попрецизен став во врска со овој предлог-закон“, рече Абдиу.
Легалните игри на среќа секоја година носат повеќе од 350 милиони евра добивка
Скриен предизвик за ВЛЕН е и замената на буџетските приходи што доаѓаат од индустријата на игри за среќа. И додека во Албанија беше одлучено приходите од релегализираното обложување да се употребат за социјални проекти, во Македонија сè уште нема јасен план како да се покрие финансиската „дупка“ што може да се создаде со затворањето на 50% од објектите.
Здружението „Сакам да работам (Дуа те пуној)“, кое ги претставува вработените во овој сектор, предупреди дека предложените решенија би можеле да доведат до затворање на легалните објекти и губење на илјадници работни места.
Тие веруваат дека предвиденото растојание од 500 метри е „целосно нефункционално“ и предупредуваат дека ова може да доведе до затворање на легалните објекти и префрлувањње на дел од активноста кај нелегалните канали.

